Во Дебар трета година по ред најсреќен Павел Ангеловски
- Во Дебар најсреќен беше десетгодишниот Павел Ангеловски, кому ова му е трета година по ред да го фати светиот крст, положен во водата на базенот, што се наоѓа во дворот на црквата „Света Петка“ каде се наоѓа и седиштето на Дебарската парохија.

Дебар, 19 јануари 2025 (МИА) - Во Дебар најсреќен беше десетгодишниот Павел Ангеловски, кому ова му е трета година по ред да го фати светиот крст, положен во водата на базенот, што се наоѓа во дворот на црквата „Света Петка“ каде се наоѓа и седиштето на Дебарската парохија.
По светиот крст заедно се фрлија и Давид Блажевски и Теофан Ангеловски, но среќата му се насмевна на Павел, кој не го криеше чувството на радост, заедно со неговата сестричка Бисера и родителите Глигор и Ленче.
-Многу се радувам. Бог се јави!. Посакувам здравје и среќа за сите, рече малиот Павел.
Него освен годинешната кума, Габриела Стојческа, од Охрид соодветно го даруваа и верниците. Кумството за до година го презеде семејството на Роберт и Лилјана Михајловски од Дебар.
Пред положувањето на светиот крст, намесникот на дебарската парохија, Миле Ангеловски, отслужи Света Златоустова литургија на која присуствуваа и дебрани кои денес живеат во други градови во земјава, кои си го честитаа празникот со желби и молби до Бога за здравје и благосостојба.
Големиот христијански празник, Богојавление-Водици се одбележува и во населените места во поширокиот дебарски регион, каде по повод Водици дојдени се поранешни жители и нивните потомци и ги заживеаја селата. Посебно, по празнувањето се препознатливи селата Битуше, Горенци, Гари и Долно Мелничани. вт/дма/
Фото: МИА