• петок, 22 ноември 2024

Во Градски парк се одржа „Бараме климатска акција сега“ – земјава една од петте најзагрозени од климатските промени

Во Градски парк се одржа „Бараме климатска акција сега“ – земјава една од петте најзагрозени од климатските промени

Скопје, 25 мај 2024 (МИА) – Во Градскиот парк во Скопје, денеска, во организација на „Гоу грин Скопје“ се одржа настанот „Бараме климатска акција сега!“, од каде беше испратена порака за подигнување на јавната свест за климатските промени и превенција од негативните влијанија врз нашата држава.

Претседателот на Здружението за оджлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин Скопје“, Блаже Јосифовски, вели Македонија е една од петте најзагрозени земји од климатските промени, затоа истакна дека граѓаните треба постојано да бараат од институциите да направат акција, бидејќи, како што рече, државата ги има сите потребни документи, но акција нема. 

Додаде дека прво нешто што треба да направи новата влада е да донесе Закон за климатска акција. 

– Тоа треба да се донесе веднаш, бидејќи со целиот сет законски мерки што треба да се направат, ќе се овозможи да се намали негативното влијание и да се направи климатска адаптација на нашата земја. Сите документи што се направени се од сите сфери, од управување со отпадот, управање со водите, промената во економијата и тн. Затоа многу е битно мерките да бидат сеопфатни, да не бидат тоа една или две мерки, туку да бидат во сите сектори, бидејќи веруваме дека на тој начин ќе се намали отпадот, ќе се намалат загубите на храна, ќе се направи одржување во нашето земјоделство, а со тоа цените на храната нема да се зголемуваат, како досега, рече Јосифовски. 

Поради климатските промени, Јосифовски вели државата има 30 отсто помалку извоз на земјоделство, бидејќи, вели „кога треба да врне е суша, кога е суша истура дожд“.

– Тоа допринесува и за многу болести исто така и секако го има повеќе сфери, во сфери што помалку има можност да се изрази тоа како топлото време влијае на нивната здравствена ситуација, така што треба да сфатиме дека климатските промени се повеќе влијаат. За жал, Македонија е една од петте најзагрозени земји од климатските промени, подвлече Јосифовски.

Активистот и советник во Општина Центар од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, Јане Димески, вели за климатските промени во јавноста прилично малку се зборува, посочувајќи на ниската застапеност на оваа тема во јавните политики на државата. 

– Првата временска одредница 2025 година изгледаше далечна кога се објавуваа првите национални извештаи за климатските промени, изгледаше дека имаме доста време да се подготвуваме да се преземат тие опсежни мерки кои се планираат во тие извештаи за да се ублажат промените кои веќе ги живееме, а ќе бидат се поистакнати. Голем дел од тоа што требаше да се спроведе, не е спроведено и оваа тема се уште не е издигната на нивото на национална политика. Климатските промени ќе бидат толку сеопфатни, што ќе го допрат секој дел од нашето секојдневно живеење, рече Димевски.

Јане Димески на настанот „Бараме климатска акција сега“ во Градски парк - Скопје 

Вели тешко дека ќе можеме целосно да ги спречиме климатските промени, но она што може да се направи, вели е менување на нашите животни навики и да ги ублажиме и приспособиме кон условите кои веќе настануваат.

– Тоа се зголемени температури, како и различен распоред на врнежи. Се прогнозира дека до 2050 година врнежите ќе се намалат околу 15 отсто. Во научната фела има дискусии дали тие предвидувања се оправдани или можеби се пренапумпани, но сепак се согласуваат дека распоредот на врнежите ќе биде различен, односно тие нема да бидат распоредени како досега. Ќе се концетрираат повеќе големи количини во облик на поројни дождови кои ќе паѓаат во краток временски период, а таквите дождови почвата потешко ги прима и тие се излеваат по улиците, а ние како држава, како Град Скопје имавме искуство со такви поплави во Стајковци, како и во Тетово, но гледаме дека многу малку од тие работи се научени и се вградуваат во некакви политики на државата и општините, заклучи Димевски. ра/нд/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан