Во Битола промовирана првата македонска книга „Сјајни ѕвезди“ - ромски бајки раскажани од Роми во Европа
- Роми интелектуалци, истражувачи, претставници на граѓанскиот сектор од осум држави во Европа, денеска во Битола учествуваа на промоцијата на првата македонска книга „Сјајни ѕвезди“, збир од ромски бајки публикувани на македонски, ромски и англиски јазик.

Битола, 18 февруари 2025 (МИА) - Роми интелектуалци, истражувачи, претставници на граѓанскиот сектор од осум држави во Европа, денеска во Битола учествуваа на промоцијата на првата македонска книга „Сјајни ѕвезди“, збир од ромски бајки публикувани на македонски, ромски и англиски јазик.
Станува збор за 32 ромски приказни од Македонија, Турција, Романија, Србија, Бугарија, Германија, Грција и Унгарија, собрани од возрасни баби и дедовци Роми, истакна Фатма Бајмрам Аземовска, учесник во европскиот проект.
-Прв пат ромски приказни од осум европски држави се публикуваат во книга. Ромските бајки ги собравме од возрасни баби и дедовци кои сеуште ги памтат и нам усно ни ги раскажаа. Станува збор за 32 ромски приказни кои освен за ромите, значајни се и за другите народи кои ќе се запознаат со ромската култура, традиција и творештво. Оваа книга која во нашата држава е отпечатена на ромски, македонски и англиски јазик за ромските деца ќе значи голема можност за секој родител да ја има книгата и на своите деца да им ги прочита ромските приказни. Книгата е достапна за сите што сакаат да се запонаат со ромската култура. Раскажувачи на приказните се стари Роми кои ги посетивме лично, одевме од врата до врата и ги собиравме приказните. На пример од разговорите во Битола, посебен интерес предизвика ромската бајка „Трите ќерки“, но има и други приказни, слични но сепак различни со приказни и бајки од другите народи, истакна Бајрам Аземовска.
Менаџер и на проектот е Ромел Шуркнефт кој во изјава за медиумите истакна дека со овој европски проект се зачувуваат ромските бајки како дел од културното наследство на Европа.
-Нашата цел беше бајките да им се вратат на децата и да се чуваат за идните генерации, но исто така сакавме богатството од ромски бајки да се отвори и кон останатите европски народи. Ние собравме ромски бајки од различни држави, потоа ги селектиравме и избравме по четири ромски бајки од секоја држава. Собраниот материјал го преведовме на националниот јазик од секоја држава учесник во проектот, потоа на најзборуваниот ромски дијалект во секоја држава, и сите ги преведовме на англиски јазик. Во секоја држава книгата е отпечатена, посочи Шуркнефт.
Домаќин и организатор на европската конференција беше Националната установа универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола.мт/
Фото: МИА