• вторник, 26 ноември 2024

Владата продолжува да работи, немам намера да посветува многу внимание на клевети коишто доаѓаат од новоизбраниот претседател на СДСМ, порача Мицкоски

Владата продолжува да работи, немам намера да посветува многу внимание на клевети коишто доаѓаат од новоизбраниот претседател на СДСМ, порача Мицкоски

Битола, 26 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски не очекува дека новото раководство СДСМ ќе каже нешто ново или пак ќе кажат пофалба за работењето на новата Влада. Мицкоски кој при посетата на Битола одговараше на новинарско прашање за вчерашниот  коментар на претседателот на СДСМ, Венко Филипче дека новата Влада од самиот почеток потфрлила со инвестициите истакна дека тоа е погрешен пристап.

-Но, во ред. Тие избрале така, нека тераат. Избори ќе имаме догодина, граѓаните ќе го кажат својот суд кој работи правилно, кој не. Но, ќе го потсетам, еве ние сме 30 дена Влада, во овие 30 дена Влада имаме нова инвестиција од половина милијарда долари, ветерен парк на тромеѓето помеѓу општините Штип, Карбинци и Радовиш, нови 630 вработени, еден терават час електрична енергија од обновливи извори и чекор кон исполнување на целта на Владата, а тоа е да бидеме енергетски во делот на увоз-извоз на електрична енергија избалансирани, односно да немаме повеќе потреба од увоз. Да бидеме на крајот на годината со резултат еднаков на нула кога станува збор за увозот и извозот, вели Мицкоски.

Што се однесува за втората инвестиција ЕПСО Тех, со која ќе бидат инвестирани десетици милиони евра и 110 вработувања, Мицкоски, како што рече „ја користам оваа прилика да им се заблагодарам за тоа што ја воделе четири години и не успеале да ја доведат до крај, па требаше новата Влада да дојде и во рок од две недели да го реши сето тоа што тие не успеале четири години“.

Премиерот, Мицкоски рече дека во рок од 30 дена ја имаат и третата инвестиција, а тоа е на ВАПТЕК, но како што рече треба да се предочи дека и старата инвестиција на оваа компанија имала многу проблеми во делот на регулирање на правата на располагање и сопственост на земјиштето на кое што се наоѓа старата производна фабрика.

- И тоа го решаваме заедно со Општина Гази Баба. Околу половина милијарда евра за компаниите и за општините. Ете, тоа е од прилика за овие први 30 дена. Направете анализа што направиле тие во минатото. Донесоа, би рекол инвестиција на македонските граѓани во Хонг Конг преку компанија позната за трговија со јужно овошје, која што требаше да ни ги донесе кинеските вакцини во екот на пандемијата, познатата афера „Стабри“, се случуваа многу проблеми, не треба да ве потсетувам на модуларната болница, не треба да ве потсетувам на катастрофата која што се случуваше за време на ковид-пандемијата, не треба да ве потсетувам на сите оние тендери коишто се случуваа во минатото поврзани со името на новиот претседател на СДСМ, но органите треба тоа да го истражат, додаде Мицкоски.

Порача дека како Влада ќе продолжат да работат и како што рече немаат намера да посветуваат многу време на клевети, кои што доаѓаат од новиот претседател на СДСМ.  

-Сепак, тој таму се соочува со внатрешни поделби и нормално е да се трудат кој повеќе ќе дехидрира од критики на работењето на Владата. Така мислат, дека кој повеќе дехидрира тој е поуспешен во рамките на СДСМ тие малкумина што останаа, но тоа е нивна политика, изјави Мицкоски.

Прашан за одземените лиценци за игра на среќа, Мицкоски вели дека станува збор за два случаи  на одземени лиценци на приредувачи на игри на среќа, едната е од Струмица, втората  е од Скопје.

-Не ги уплаќале даноците редовно, работеле незаконски врз основа на мислењето кое што го добивме од надлежните институции и ова ќе продолжи понатаму. Но, тоа не се. На седницата на Владата беше прифатено практично толкувањето на Законот во кое што е констатирано дека од 2017 година Лотарија на Македонија без разлика што и самата не поседува лиценца и самата издавала лиценци за приредување на игри на среќа, посебно тука е онлајн обложувањето и слично  и има претходни високи функционери од Владата коишто и покрај тоа што знаеле дека ова е спротивно на закон дозволиле ваков тип на игри на среќа да се приредуваат, а со тоа ги оштетиле и граѓаните и буџетот, рече Мицкоски.

Овие податоци и документи се предадени до надлежните истражни органи, а премиерот Мицкоски очекува надлежните истражни органи многу скоро да излезат со став врз основа на овие индиции коишто ги констатираше Владата. вдј/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан