• сабота, 04 јануари 2025

Мицкоски за МИА: Наместо ние да се европеизираме, процесот на пристапување во ЕУ се балканизираше

Мицкоски за МИА:  Наместо ние да се европеизираме, процесот на пристапување во ЕУ  се балканизираше

Скопје, 2 јануари 2025 (МИА) - Процесот на пристапување во Европската унија со ваквиот начин на одлучување се балканизираше, наместо ние да се европеизираме, вели во новогодишното интервју за МИА премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека ниту еден политичар од Брисел или од светот не кажал „не“, кога ќе им ги презентираат аргументите околу уставните измени. Вели треба да работиме заедно со европските партнери, но приоритет е решавање на домашните задачи. 

За тоа дека гаранции немаат ниту другите земји-кандидатки, кои можат да наидат на препрека и откако ќе ги завршат преговорите поради начинот на одлучување во ЕУ, Мицкоски нагласува дека тоа е во ред доколку тие препреки се ставаат заради реални проблеми.

-Точно, се сложувам, но доколку тие пречки се однесуваат на реалните проблеми. И сега овој начин на билатерални спорови и водење на политики и водење на процес гледате каде не’ носи. Сега Хрватска вели Црна Гора не може овој кластер да го затвори поради тоа и тоа. Бугарија вели не може Србија поради тие и тие причини. Сето она кое што започна уште во времето кога нашиот јужен сосед континуирано не’ блокираше и во НАТО и во ЕУ поради билатерално прашање, тоа беше прашањето со името итн., сега полека но сигурно стана пракса. И тука е проблемот кај самата Европска унија мислам најголем затоа што наместо да се видат позитивните искуства од минатото, такво едно позитивно искуство беше спорот помеѓу Хрватска и Словенија и наместо на тој начин да се водат и овие билатерални спорови, кај нас што се случи – билатерализацијата стана алатка, односно наместо ние да станеме Европејци, Европејците станаа Балканци и тоа е најголемиот проблем сега кај нас. Практично, процесот на пристапување на преговори се балканизираше. Наместо ние да се европеизираме, процесот се балканизираше поради ваквиот начин на одлучување. Затоа мораме заедно да работиме надвор, но истовремено ќе повторам приоритет да ни биде решавањето на домашните задачи, истакнува Мицкоски.

За предлогот за уставни измени со одложено дејство, посочува дека сите со кои разговарале во меѓународната заедница велат – фер, разумно, тоа е тоа, но оти Софија не прифаќа.

-Факт е дека состојбата кај нашиот источен сосед немањето се уште влада, стабилна влада, фактори на одлучување и сето тоа кое што е таму реалност го отежнува процесот и тогаш одлуката најчесто е – абе знаете Софија не го прифаќа тоа. И ние постојано аргументираме дека тој предлог не е спротивен на заклучоците, повторно ги кажуваме нашите аргументи за сето она кое што во минатото, за сето она кое што го очекуваме да ни се случи во иднината, како би можеле ние сега да им објасниме на нашите граѓани дека ќе го менуваме Уставот поради оваа причина, поради овој аргумент дека неколку стотини наши сограѓани коишто за себе велат дека се дел од бугарската заедница треба да влезат како конститутивен елемент, а десетици илјади наши сограѓани во минатото и стотици илјади Македонци во Бугарија не можат да основаат ниту невладина организација. Имаме 14 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, цитираме делови од Лисабонската декларација каде што јасно се ставаат до знаење кои се критериумите за отпочнување на преговори итн. Целиот тој процес е макотрпен, не е едноставен, вели Мицкоски.

Подготвен е во 2025 да се сретне со високи претставници на Софија, да разговара со нив каде било на оваа тема и да ги разгледаат сите можности, затоа што, како што посочи, потребно е и двете страни да се согласни.

-Но, истовремено по секоја цена нема да барам решение кое што дополнително ќе ни го отежне овој процес. Како прв човек на Владата – да, имам приоритет да почнеме преговори, да отвораме поглавја итн. итн., но, во секој договор мора да имаме јасен крај и предвидлив крај. Нема да дозволам бидејќи ова сега што од нас се бара оваа промена на Уставот е пречка само за почеток, ова не е пречка за крај. Затоа ние се обидуваме да го репроектираме почетокот да ни биде крај, подвлекува Мицкоски.

На 18 заминува за САД, каде ќе побара поддрша за евроинтеграциите и од стратешкиот парнер. Вели покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за државата. 

- Апсолутно, заминувам во Соединетите Американски Држави на 18 јануари и таму ќе бидат предвидени многу средби, многу разговори и многу теми сакам да отворам и да затворам затоа што мислам дека покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Навистина ќе имам квалитетни средби од тоа што е досега договорено со водечките луѓе од администрацијата во Вашингтон и очекувам да го привлечам вниманието и со поинаква оптика да гледаат кон Балканот. Мораме прво регионално да го привлечеме вниманието, односно оптиката на Вашингтон да гледа кај нас како регион, не како единка во тој регион. Да, важна единка, природна раскрсница, срцето на Балканот, но сепак ако го гледаме Балканот како целина, како регион, тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму кои се предностите коишто ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот, наведува премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто за МИА. ац/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан