• понеделник, 23 декември 2024

Божиновска во Баку на панел-дискусија „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“

Божиновска во Баку на панел-дискусија „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска се обрати на панел-дискусијата „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“, што се одржува во рамки на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан. Настанот е посветен на можностите што ги нуди енергетската ефикасност како клучен двигател за одржлив економски раст и зајакнување на енергетската сигурност во регионот, информираат попладнево од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Божиновска ги претставила напорите на државава за подобрување на енергетската ефикасност, особено во градежниот сектор. Таа ја нагласила важноста на иницијативата за нула-енергетски згради (NZEBs) како основен чекор за регионот во транзицијата кон нискојаглеродна иднина. Според неа, неодамнешниот UNDP патоказ за регионот нагласува дека достигнувањето на NZEB стандарди е и технички и политички предизвик што бара итно решавање.

- Нашиот регион, Балканот, се наоѓа на критичен пресврт. Со застарена енергетска инфраструктура и значителна зависност од увезени фосилни горива, се соочуваме со опипливи последици од климатските промени: зголемени температури, зголемена енергетска сиромаштија и притисок врз локалните економии и заедници. Градежниот сектор, што учествува со над 40 отсто од вкупната потрошувачка на енергија во регионот, во истовреме претставува и предизвик и извонредна можност за трансформативни промени. Усогласувањето со Европската Унија преку Директивата за енергетски перформанси на зградите е од витално значење за нашата интеграција со зелената транзиција на Европа и за енергетска отпорност. За многумина во регионот, почетните трошоци за енергетски ефикасни технологии остануваат значителна бариера, додека недостигот од хармонизирани стандарди и механизми за спроведување на NZEB претставува дополнителен предизвик. Иако е постигнат значителен напредок, за да се постигне целосна усогласеност со NZEB стандардите, потребно е да се зајакнат регулаторните рамки и да се воспостават поцврсти институционални механизми, истакнала Божиновска.

Според неа, за државава, зголемувањето на енергетската ефикасност во градежниот сектор е еден од највисоките приоритети на националната климатска агенда и иако земјава го постигнала своето национално ниво од 30,5 проценти за користење обновливи извори на греење и ладење, преостанувала потреба за насочени технолошки надградби за да се намали употребата на застарени системи со биомаса.

Министерката ги нагласилa заложбите на државава во насока на подобрување на енергетската ефикасност преку Законот за енергетска ефикасност, што налага развој на долгорочна стратегија за реновирање на зградите во период од најмалку десет години.

- Нашиот пристап вклучува нови градби и реновирање на постојниот градежен фонд. Според Законот за енергетска ефикасност, обврзани сме да развиеме стратегија за реновирање на згради со најмалку десетгодишен период. Оваа стратегија бара годишно реновирање на најмалку 1 отсто од вкупната површина на јавни згради, со што се обезбедува усогласеност со минималните стандарди за енергетска ефикасност, се додава во соопштението.

Остварувањето на овие цели, како што посочила министерката, зависи од целосната операционализација на Фондот за енергетска ефикасност, што е клучен за финансирање на NZEB проекти и реновирање.

- Целосната операционализација на Фондот за енергетска ефикасност е приоритет за остварување на амбициите на Македонија во однос на NZEB. Веруваме дека овој фонд ќе игра клучна улога во финансирањето на долгорочната стратегија за реновирање, особено за реновирање на јавни и станбени објекти со цел да се постигнат подобри енергетски перформанси. Македонија останува решена да ја зголеми енергетската ефикасност како клучен столб на својата климатска стратегија. Преку регионални и меѓународни соработки, активно работиме на исполнување на целите поставени во Патоказот на UNDP и Парискиот договор. Со зајакнување на енергетските перформанси на градежниот сектор, придонесуваме кон економски бенефит, енергетска сигурност и почиста животна средина, потенцирала министерката.

Самитот COP29, што се одржува од 10 до 15 ноември, ги обединува светските лидери, експерти и претставници на влади со цел да ги засилат глобалните акции за климатска заштита.

- Присуството на министерката Божиновска и нејзиното учество на панелот ја демонстрира посветеноста на Македонија кон заедничките цели за одржлива и нискојаглеродна иднина, се додава во соопштението. бд/са/

Фото: Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан