• сабота, 23 ноември 2024

Божик во Дебар, градоначалниците на околните општини го честитаа празникот

Божик во Дебар, градоначалниците на околните општини го честитаа празникот

Дебар, 7 јануари 2024 (МИА) - По повод еден од најголемите христијански празници, Христовото раѓање-Божик, во црквата „Света Петка“ во Дебар, беше отслужена света златоустова литургија, а богослужби ќе има и следните два дена.  

По литургијата, што ја одржа отец Миле, тој  го прочита Божиќното послание на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, а верниците  се причестија со Светите Христови Тајни. 

Вчера, пеејќи ја ангелската песната „Вечниот Бог“, во овој божји храм, отец Миле ги дочека децата од Дебар и селата Ростуше, Битуше и Велебрдо, подрачјето на Река, кои ја сочинуваа бадниковата поворка на радоста.

По повод празникот, честитки до православните верници,  упатија градоначалниците на општина Дебар, на Маврово и Ростуше и на Центар Жупа.

-Среќни Божиќните празници до сите верници, со желби за здравје, среќа и благосостојба во нивните фамилии. Нека и овој празник го биде одбележан во хармонија и заедно со  сограѓаните, како што тоа е со векови на овие простори, стои во честитката на градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Во свое и име на Советот на општината и администрацијата на општина Маврово и Ростуше, градоначалникот Медат Куртовски  на сите православни верници им ги честита Божиќните празници со желби за многу здравје, среќа, љубов, хармонија и верба.

-Во духот на љубовта кон човештвото, да се упатиме кон правдата и вистината, да понудиме помош на сите на кои им е потребна. Нека во срцата се всели духовен мир и спокој, радост и разбирање. Среќни Божиќните празници, посака Куртовски.

И градоначалникот на општина Центар Жупа Аријан Ибраим посака Божиќните празници верниците да ги минат во радосна атмосфера, со желби за добро здравје, среќа, благосостојба. вт/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан