• сабота, 23 ноември 2024

Битиќи: Погрешно е очекувањето дека ако се намалат функционерските плати ќе се зголемат тие во јавниот сектор

Битиќи: Погрешно е очекувањето дека ако се намалат функционерските плати ќе се зголемат тие во јавниот сектор

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува набргу пред Владата да има предлог од работната група што треба да понуди решение за евентуално намалување или интервенции на платите на функционерите, а чие зголемување за 78 проценти од март годинава предизвика протести и барање за зголемување на примањата во јавниот сектор.

Одговарајќи на новинарско прашање Битиќи денеска порача дека е погрешно, како што рече,  очекувањето кое се креира дека со намалување на функционерските плати ќе се зголемат платите во јавниот сектор. 

Во однос на тоа кога би се намалиле платите на функционерите имајќи предвид дека дел од јавниот сектор штрајкува и е во очекување на намалување на парите на функционерите за да се зголемат нивните пари, тоа е погрешно очекување и некој едноставно сака да креира такво очекување. Кое било намалување, ако има намалување, нема да биде доволно за да се покрие евентуалното зголемување на 135 000 вработени во јавниот сектор затоа што зборуваме за 1260 избрани и именувани лица, рече Битиќи.

Креирањето лажно очекување, дополни, е само производ на одредена политичка партија што знаеше да креира такви очекувања во минатото кога беа во можност да владеат во нашата земја.

Работната група, посочи вицепремиерот, веќе има одредени предлози, се уште се обидува да ги хармонизира со сите засегнати страни затоа што, како што нагласи, евентуалното намалување или интервенциите кај платите на избраните и именуваните лица се прави преку седум законски решенија.

-Моето очекување е дека набргу ќе дојдеме со предлог до Владата, а потоа останува Владата содветно да ги одобри или одбие, рече Битиќи. лв/дма/

фото: МИА архива 

 

Остани поврзан