• среда, 27 ноември 2024

Битиќи: Законот за нефер трговски практики подготвен од СДСМ е системско решение што ќе го заштити буџетот на граѓаните

Битиќи: Законот за нефер трговски практики подготвен од СДСМ е системско решение што ќе го заштити буџетот на граѓаните

Скопје, 28 септември 2024 (МИА) - Пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека Законот за нефер трговски практики кој денеска стапува во сила е подготвен од СДСМ и донесен на 13 март 2024 година. На прес-конференција тој рече дека овој закон „не е празна декларација, туку конкретна мерка која ќе го заштити буџетот на граѓаните и ќе го намали самоволието на трговците и добавувачите“.

-Првпат создадовме системско решение со кое ќе ставиме крај на манипулациите со цените. Од денес ќе важат јасни правила и се става ред во односите меѓу трговците и добавувачите со прехранбени производи. Законот нема да ги наруши добавувачките ланци и нема да предизвика хаос на пазарот. Дадовме системски одговор на сите манипулации со кои беа оптоварувани граѓаните, а со тоа и нивниот животен стандард. Со овој закон  се регулираат 26 нефер трговски практики, со кои над 2500 земјоделски и прехранбени производи ќе имаат ограничени маржи од 10 отсто. Тоа значи дека нема да има простор за неосновано покачување на цените и создавање дополнителни трошоци кои директно ги погодуваат семејните буџети, рече Битиќи. 

Посочи дека овој закон подготвен од СДСМ е на страната на граѓаните и ги повика сите трговци и добавувачи да го почитуваат и, како што рече, да се водат од принципите на чесност и транспарентност.

-Овој закон е за доброто на сите нас – и трговци, и производители, и граѓани. Ги повикувам и надлежните институции да преземат проактивна улога и да го спроведуваат овој закон со максимална контрола и посветеност. Само на тој начин ќе го постигнеме она што го посакуваме – стабилни цени и заштита на економската сигурност на секое секој еден граѓанин, рече пратеникот на СДСМ. 

Според него, наспроти ваквиот системски пристап, актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ „продолжува да донесува привремени и половични мерки кои не даваат резултати“.

-Ограничувањето на маржите за 73 производи, кое го наметнаа, не ги намали цените и не донесе олеснување за граѓаните. Тоа е доказ дека тие немаат вистински план за справување со економските предизвици. За разлика од нив, ние со овој Закон создаваме годишен потрошувачки кош, кој ги опфаќа сите основни производи, наместо сезонски „кошнички“ кои не можат да го решат проблемот на неоправданиот раст на цените. СДСМ со овој закон понуди вистинско и трајно решение за стабилни цени и заштита на животниот стандард. Ова е само уште еден пример на како политиките на СДСМ се насочени кон вистинските интереси на граѓаните, за разлика од власта која импровизира и создава простор за нови ценовни шокови во секоја следна сезона, додаде Битиќи. хс/лв/

Фото: СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Остани поврзан