• среда, 25 декември 2024

Беџети: За 30 години не остваривме стапка на раст повисока од 2,2 отсто

Беџети: За 30 години не остваривме стапка на раст повисока од 2,2 отсто
Скопје, 2 септември 2022 (МИА) - Кој ни е капацитетот на продуктивност? Кое ни е нивото на животниот стандард мерен преку БДП во однос нас ЕУ? Тоа е се уште под 40 отсто. Ептен сме далеку. Факт е дека за 30 години не остваривме повисока стапка на раст во просек повеќе од 2,2 отсто, рече денеска академик Абдулменаф Беџети на панелот „Мерливоста на вредностите: економски визури“ што го организира Народната банка. Тој порача дека сите мерки што се дизајнираат, треба да бидат во функција на стопанството со краен импакт врз стандардот на граѓаните. Патиме, оцени Беџети, од цинични политичари. -Патиме од цинични политичари кои не прашуваат, а дека не знаат, тоа е докажано, подвлече академикот. Според него, актуелната инфлаторна, како и енергетската криза претставуваат сериозен упад во актуелниот, критичен период, а без структурни реформи, не може да се креираат дневни политики. Дополнително, институциите немаат капацитет. -Монетарните политики треба да се гледаат на долг рок. Никој не може да го оспори фактот, ниту еден нормален економист, освен ако не е популист, дека макроекономската стабилност не е цел за себе, туку е цел за економијата, за стандардот на граѓаните и стопанството, потенцира Беџети. Претходно, во воведното излагање, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, рече дека нашата продуктивност веќе подолг период стагнира на ниско ниво од само 40 проценти од германската продуктивност. -Добро е што солиден придонес кон растот имаа инвестициите, со оглед на фактот дека обемот на  капитал кај нас изнесува само 43 проценти од европскиот капитал, но сепак, мало е учеството на вложување во иновативен капитал, односно во иновативни технологии. Позитивен придонес кон растот во изминатата декада имаше и човечкиот капитал, но главно како резултат на квантитетот, а не квалитетот на трудот, истакна Ангеловска-Бежоска. Во тек е обраќањето на академик Таки Фити, по што следуваат уште два панела - „Мерливоста на вредностите: интеракции“ и „Мерливоста на вредностите: комплементарности и спротивности 2022“. Панелите се дел од дебатата „В/РЕДНОСТИ и ВРЕДНОСТИ“ која може да се следи директно на фејсбук страницата на Народната банка, а ќе продолжи и на 5 септември, со уште три одделни панели. мч/са/

Остани поврзан