• понеделник, 23 декември 2024

Бесплатни училишни ранци и прибор за првачињата од Крива Паланка 

Бесплатни училишни ранци и прибор за првачињата од Крива Паланка 

Крива Паланка, 29 август 2024 (МИА) - Сите првачиња од Општина Крива Паланка кои ќе седнат во училишните клупи од понеделник, ќе добијат бесплатни училишни ранци и училишен прибор, што ги обезбеди општината во соработка со општествено одговорна компанија од градот.

- Ја покажуваме грижата за најмладите - наша врвна цел. Во пресрет на новата учебна година, 2024/25. ги израдуваме првачињата што од понеделник ќе седнат во училишните клупи. Повторно обезбедивме бесплатен училишен ранец „Таргет" и училишен прибор за секое прваче во соработка со локална општествено одговорна компанија. Продолжуваме со финансиската поддршка за секое семејство со прваче, еднократна финансиска поддршка од 3.000 денари. Она што е новитет и во следните недели ќе се реализира се обезбедените бесплатни училишни униформи, по два комплети за сите ученици од градот, и за основците од ООУ "Св.Јоаким Крчовски" и од ООУ "Илинден", како и за средношколцитеод средното општинско училиште "Ѓорче Петров", изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Митовски рече дека грижата за младите и најмладите жители на општината секогаш е во фокусот на неговата работа и во работата на локалната самоуправа, за што континуирано се носат и програмски мерки насочени кон поддршка и субвенции на различни категории млади.

Во Крива Паланка во моментов во тек се конкурсите за стипендирање талентирани ученици, средношколци и студенти, за стипендирање талентирани и успешни спортисти, како и за субвенциониран превоз на студенти од градот кои студираат во Скопје. ид/ цр/

Фото: Општина Крива Паланка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан