• петок, 08 ноември 2024

Бесими: Обезбедени 90 милиони евра поддршка за буџетските политики

Бесими: Обезбедени 90 милиони евра поддршка за буџетските политики

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) – Министерството за финансии обезбеди 90 милиони евра од КфВ развојната банка за поддршка на буџетските политики со цел справување со предизвиците од кризата. Договорот за заем од КфВ банката за достапност на овие 90 милиони евра е потпишан денеска од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на КфВ за земјава и Косово Мориц Реме.

-Денеска потпишавме договор со КфВ банката за користење 90 милиони евра со кои Владата ќе се справува со последиците од кризата, ќе ја подобрува својата надворешна финансиска состојба, како и за спроведување структури реформи. Ова се дел од средствата што ги обезбеди оваа Влада и Министерството за финансии по поволни услови за да се премости кризата и да се поддржат граѓаните и економијата и да се постигне нејзино закрепнување и забрзување. Истовремено, дел од напорите за тие средства да се обезбедат со најнизок трошок и да не ги ставиме на  товар на идните генерации, рече министерот Бесими.

Тој се заблагодари на КфВ банката за одобрувањето на овие средства и посочи дека тие се потврда за заложбите на Владата за преструктуирање и декарбонизација на домашниот енергетски сектор и обезбедување сигурно и стабилно снабдување на домаќинствата и компаниите со електрична енергија.

-И во време на криза овозможивме со расположливите ресурси и моделот кој го применивме да обезбедиме стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија на сите домаќинства и компании во земјава. Продолжуваме со политики кои се насочени кон зголемување на домашното производство, диверзификација на изворите на енергија и сето тоа  насочено кон декарбонизација на домашниот енергетски сектор со вложување во  обновливи извори на енергија и со тоа и заштита на животната средина, посочи министерот.

Реме рече дека целта на овој заем е да ја поддржат Република Северна Македонија во нејзините напори за енергетска транзиција и во достигнување на амбициозната цел во согласност со Договорот од Париз за намалување на стакленичките гасови за 82 отсто во споредба со референтното ниво од 1990 година.

-Во рамките на Берлинскиот процес и Климатското партнерство со земјите од Западен Балкан, КфВ ја поддржува Република Северна Македонија во нејзините напори да ги зазелени своите енергетски капацитети и да ја зголеми енергетската ефикасност. Во енергетскиот сектор, во Република Северна Македонија, КфВ финансира ветерни паркови, фотонапонски централи, одржливи системи за централно греење, рехабилитација на големите хидро електрични централи и модернизација на студентските домови. Портфолиото на КфВ  во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија изнесува 227 милиони евра со дополнителни 210 милиони евра за инвестициски проекти во подготовка, истакна Реме.

Заемот од КфВ развојната банка ќе се повлече во една транша, која се очекува да биде достапна до крајот на оваа година.

Ова е дел од поширокиот пакет што го обезбеди Владата за справување со кризата, кој вклучува и 100 милиони евра од ЕУ, како и 50 милиони евра за развојни политики од Светска банка.вј/дма/

Фото: Министерство за финансии

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан