Бесими - Дајбл: Потврдена континуираната поддршка од САД во борбата против корупцијата и намалувањето на сивата економија
- Потпишувањето на овој амандман е дел од четиригодишната програма за партнерство што е во вкупна вредност од 56,5 милиони долари. Со потпишувањето на овој најнов, четврт амандман средствата ко
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Република Северна Македонија добива континуирана поддршка од САД преку УСАИД во спроведување на реформите на нејзините евроатлански интеграции. Таквата поддршка, како што соопшти Министерството за финансии, беше потврдена денеска на средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со в.д. шефот на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, Ерик Мејер и новата претставничка на Канцеларијата на УСАИД во земјава, Џери Дајбл, на која беа разменети и договорите за нов амандман од Договорот за грант за партнерство за развој.
Потпишувањето на овој амандман е дел од четиригодишната програма за партнерство што е во вкупна вредност од 56,5 милиони долари. Со потпишувањето на овој најнов, четврт амандман средствата кои стануваат ефективни од целата програмата достигнаа 23,4 милиони долари. Средствата се насочени кон зголемување на економскиот раст преку подобрување на конкурентноста, намалување на бариерите за проширување на евроатлантските пазари и унапредување на енергетската безбедност, зголемување на ангажманот на младите за поттикнување економски можности и нивно поттикнување да преземат активна улога во развојот на земјата, како и намалување на корупцијата и поттикнување култура за одговорност.
Министерот Бесими изрази благодарност до Владата на САД која постојано и дава значајна поддршка на нашата Влада во спроведувањето на активностите насочени кон економски раст и стабилност, како и зајакнување на демократските капацитети на институциите. Исто така, додаде дека еден од приоритетите на Министерството за финансии е обезбедување поголема транспареност, за што веќе се преземени одредени мерки, но дека тој процес треба да се унапредува и се очекува поддршка во тие напори.
На средбата беа поздравени најавените напори од американска страна за борба против корупцијата и намалување на сивата економија, за што министерот Бесими изрази особен интерес за обезбедување техничка поддршка од УСАИД.
САД претставени од УСАИД досега во земајва имаат инвестирано 840 милиони американски долари за развој на Република Северна Македонија и остануваат посветени на поддршката на земјата во реализација на нејзината визија за понтамошна евроатланска интеграција.
На средбата министерот Бесими ги претстави и макроекономските движења, реформите што се преземаат и планираните инвестиции за забрзан економски раст, како и предизвиците со кои се соочува земјата од енергетската криза и мерките што ги презема Влада за справување со нив. Исто така, беше истакната и поддршката во делот на зајакнување на фискалната децентрализација и зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи. мч/дма/