• понеделник, 23 декември 2024

Бенфика обвинета за корупција, на клубот му се заканува повлекување од сите турнири

Бенфика обвинета за корупција, на клубот му се заканува повлекување од сите турнири

Лисабон, 15 октомври 2024 (МИА) - Португалското обвинителство покрена обвинение против Бенфика за спортска корупција во минатото, барајќи клубот да биде исфрлен од сите фудбалски турнири на кои учествува, објавија локалните медиуми.

Обвиненијата против португалскиот гигант се дека тој во периодот од 2016 до 2019 година симулирал фиктивни трансфери на фудбалери за да вбризга пари во Виторија Сетубал, чија екипа моментално игра во регионалните лиги во земјата. Барањето на обвинителството кое ја истражува е-мејл кореспонденцијата е Бенфика и Виторија да бидат исклучени од сите турнири за период од 6 месеци до 3 години.

Меѓу обвинетите се и поранешниот претседател на лисабонскиот гигант Луис Филипе Виеира, како и неговиот тогашен правен советник Пауло Гонсалвес. Ним, како и на обвинетите од Виторија им се заканува исклучување од фудбалот за период од една до пет години. Од друга страна, актуелниот претседател на „орлите“ Руи Коста и поранешните директори на клубот Хозе Едуардо Мониз и Нуно Гајосо беа ослободени од обвиненијата.

Бенфика излезе со соопштение во кое уверува дека ќе се брани од „сите неосновани обвинувања, како и од се што ги засега или можеби влијаело на правата и интересите на клубот“. дс

Фото: Х/ Бенфика

Остани поврзан