• сабота, 23 ноември 2024

Атлетичарите од Куманово на државно првенство освоија 14 медали

Атлетичарите од Куманово на државно првенство освоија 14 медали

Куманово, 13 мај 2024 (МИА) - Одлични резултати остварија атлетичарите од атлетскиот клуб „Куманово“ на државното првенство во атлетика за атлетичари под 16 години, соопштија денеска надлежните од клубот. Атлетичарите од Куманово настапија во машка и женска конкуренција и освоија вкупно 14 медали, од кои седум златни, пет сребрени и два бронзени.

Првенството, како што информираа од АК „Куманово“, се одржа вчера на градскиот стадион  во Скопје.

- Задоволни сме од резултатот, но секогаш може и подобро. Очекуваме уште повеќе натпревари и подобри резултати на државното превенство во атлетика кое ќе се одржи на 25 мај годинава во Скопје, изјави тренерот Филип Колевски.

Марко Ѓуровски освои први места во фрлање ѓуле и скок во височина, Клеа Петрушевска на трка од 600 метри, Ведран Николовски освои две први места во 600 метри и 100 метри со пречки, Кристијан Чедомировски прво место во 300 метри со пречки и второ место на 100 метри со пречки, Меланија Станковиќ прво место во фрлање ѓуле, Теодор Даутовски, второ место во скок во височина и трето во скок од далечина, Јан Вуковиќ второ во 300 метри со пречки и трето во 100 метри со пречка, Алек Кипријановски сребро во 800 метри и второ место на штафета 4×100м 2 место (Чедомировски, Вуковиќ, Даутовски, Николовски).

- Имаме соодветни услови за тренинг, во однос на условите, особено кога времето е добро тренираме на атлетската патека. Во постудените месеци импровизираме и тренингот го спроведувме во спортски сали во градот, теретани, и тренинзите продолжуваат и во некои соседни балкански земји, посочи Колевски.

Клубот е еден од најстарите во градот, формиран од 1959-тата година и низ децениите од функционирањето бележи подеми и падови. Последнава деценија остварува одлични резултати на државните првенства. ам/мд/

Фото: АК „Куманово“

Остани поврзан