Аморим пристигнува на „Олд Трафорд“, но колку португалскиот тренер може да го разбуди заспаниот гигант?
- Кога Спортинг Лисабон потроши 10 милиони евра за да назначи главен тренер без УЕФА Про лиценца и со само три месеци искуство на чело на просечната Брага во 2020 година, тоа беше наречено „целосно лудило“ од фудбалската јавност. Острите реакции на навивачите и аналитичарите на клубот сè уште можат да се најдат во интернет просторот. „Уште една голема зделка од бордот, 10 милиони евра за нелиценциран менаџер“, гласи еден од саркастичните коментари од фановите во Португалија.
Лондон, 6 ноември 2024
Кога Спортинг Лисабон потроши 10 милиони евра за да назначи главен тренер без УЕФА Про лиценца и со само три месеци искуство на чело на просечната Брага во 2020 година, тоа беше наречено „целосно лудило“ од фудбалската јавност. Острите реакции на навивачите и аналитичарите на клубот сè уште можат да се најдат во интернет просторот. „Уште една голема зделка од бордот, 10 милиони евра за нелиценциран менаџер“, гласи еден од саркастичните коментари од фановите во Португалија.
Но деновиве можеме да видиме сосема поинаква ситуација, сега кога Рубен Аморим треба да почне со работа во Манчестер јунајтед.
Откако „Црвените ѓаволи“ го отпуштија Ерик тен Хаг и со брзина на светлината се свртеа кон Аморим, истата таа сума беше штит за носителите на одлуки во Спортинг, но коментарите сега се поинакви: „Како се осмелуваат да ја постават клаузулата толку ниска за најголемите клубови во светскиот фудбал да можат да го украдат нашиот тренер“?
Триесет и девет годишниот тренер ќе биде бесценет за Јунајтед ако треба да го испорача она за што тие се убедени дека е способен: трансформација на тактичкиот идентитет, карактер и соодветно фудбалско уживање.
За волја на вистината, анализата на стилот и методологијата на играње може да се извлече само од она што веќе го направил еден човек на теренот. Тоа не е гаранција дека ќе може да го пренесе неговиот пристап во Англија - тоа треба да го докаже.
Аморим дојде во Спортинг во 2020 година како нивни четврти менаџер во сред сезона кога тимот имаше 20 бода заостанување зад водечките. Тој го прекина 19-годишното чекање на Спортинг за титулата во неговата прва целосна сезона на чело, ја скрши хегемонијата на Бенфика и Порто во лигата, а имаше и помалку ресурси од нив.
Португалецот повторно го изгради Спортинг во одржлива, успешна приказна. Тој ја покажа способноста да ги максимизира алатките што му се на располагање, развивајќи нови таленти секоја сезона. Како што Спортинг ги продаваше своите најголеми ѕвезди, тренерот вешто успеваше да го еволуира тимот. Жоао Палиња, Матеус Нуњеш, Нуно Мендеш, Педро Поро и Мануел Угарте - последниот со кој среќно ќе се обедини на „Олд Трафорд“ - беа продадени, но тој продолжи да победува.
Аморим е харизматичен и како што ќе забележат многуте аналитичари на Островот кои се занимаваат со неговиот лик и дело - тој може да ја контролира соблекувална дури и кога приказната е надвор од негова контрола. Во моментов одговара на реалноста каде се наоѓа Јунајтед. Португалецот треба да го направи она што е веќе во негова способност: да ја промени нивната среќа под финансиски ограничувања, да го размрда тимот, да спроведе прогресивен стил што ги прави доминантен тим и повторно да создаде аура околу клубот.
Угарте напредуваше под Аморим и треба да забележи напредок во неговата конзистентност. Менаџерот ќе треба да го „ископа златото“ од Расмус Хојлунд на ист начин како што направи со Виктор Ѓокерес. Јунајтед се уверени дека нивниот нов лидер може да направи некои од нивните мега купувања да изгледаат како добар бизнис. Корисно е што двајца од највлијателните членови на тимот - Бруно Фернандеш и Диого Далот, чиј збор се слуша во соблекувалната, се сонародници на Аморим. Тој, исто така, може да се поврзе со Бразилците во тимот преку јазикот, има одлично познавање на англискиот јазик и се разбира, зборува и шпански. Оние кои работеле со него го опишуваат како одличен комуникатор со едноставни, но влијателни пораки.
Тен Хаг беше брилијантен далеку од камерите. Настапите и резултатите не беа ни блиску до доволно добри и се протегаа сè до триумфот во финалето на Лига купот над Њукасл, но Тен Хаг имаше неколку други „победи“ - воведување на дисциплина во клуб на кој му е многу потребна, и достоинствено менаџирање со некои бурни ситуации.
Аморим нема да мора да се справува со такви предизвици, бидејќи неговиот претходник расчисти многу проблеми. Нема да има потреба да му се суди за време на процесот на преземање на клубот, а не би требало ниту да се справува со инциденти надвор од теренот што го означија времето на Тен Хаг.
Останува прашањето дали Манчестер под водство на новиот тренер ќе успее да прерасне во тим со голем посед, со висок притисок и висока одбранбена линија.
Постоеја шанси Аморим уште летото да дојде во Јунајтед, но тоа не се случи. Главната причина е што двете лица кои беа главни во одлуката да го отпуштат Тен Хаг и да се насочат кон португалскиот фудбалски стручњак, спортскиот директор Ден Ешворт и главниот извршен директор Омар Берада - сè уште не беа на позиција.
Заедно со техничкиот директор Џејсон Вилкокс, тие направија сопствена проценка за типот на менаџер што му е потребна на клубот и долгорочниот модел на игра што Јунајтед треба да го има.
Аморим, кој беше прогласен за потенцијален наследник на Пеп Гвардиола во Манчестер сити и стажираше под водство на Жозе Мурињо, едноставно се смета за човек кој може да ја дефинира следната генерација на тренери, на ист начин како што тоа го направија тие двајца.
Со работа во Манчестер јунајтед, Аморим ќе почне на 11 ноември, дотогаш тимот ќе биде предводен од Руд ван Нистелрој. зс/
(The Guardian/Sky Sports/Daily Mail)
Фото: ЕПА