• петок, 08 ноември 2024

Активности за чистење и санација на велосипедските патеки на Водно

Активности за чистење и санација на велосипедските патеки на Водно

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) - Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска направила увид во отпочнувањето на активностите за санација и одржување на двете велосипедски патеки на Водно. Како што сопшти Град Скопје, со санацијата на велосипедските патеки повторно ќе се овозможат оптимални услови за нивно користење, а ќе се зголеми и безбедноста на велосипедистите. 

Арсовска во изјава, како што известува Град Скопје, соопштила дека активностите се во рамки на програмата за континуирано одржување на Водно, со цел да се подобри целокупната грижа за планината.

-Отпочнавме со санација на велосипедските патеки во должина од 3000 метри, по што продолжуваме со пешачките патеки. Со дополнителна поддршка и проекти настојуваме да ги реализираме многубројните планирани активности за Водно со цел зазеленување, за што најавуваме акција за пошумување од почетокот на месец ноември во периодот на сезоната на садење, истакнала Арсовска. 

Во рамките на активностите за санирање на патеките, се отстрануваат суви дрвја, грмушки и кемања, се прави кроење на гранки, машинско косење и отстранување на отпадоци.

-Со реализација на овие активности од страна на екипите на градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“, кои продолжуваат со редовно одржување на овие патеки, долгорочно ќе се обезбедат услови за нивно непречено користење од страна на сите љубители на планинскиот велосипедизам, наведува Град Скопје во соопштението. хс/нд/

Фото: Град Скопје 

 

Остани поврзан