Агентот на Хулијан Алварез не ја исклучува можноста за трансфер во Барселона
- Хулијан Алварез можеби ќе блесне во својата дебитантска сезона со Атлетико Мадрид, но неговата иднина останува отворена, откри неговиот агент Фернандо Идалго. Аргентинскиот напаѓач е меѓу опциите на Барселона да го наследи Роберт Левандовски, чиј договор истекува во 2026 година.
Мадрид, 5 јуни 2025 (МИА) - Хулијан Алварез можеби ќе блесне во својата дебитантска сезона со Атлетико Мадрид, но неговата иднина останува отворена, откри неговиот агент Фернандо Идалго. Аргентинскиот напаѓач е меѓу опциите на Барселона да го наследи Роберт Левандовски, чиј договор истекува во 2026 година.
Во разговор за шпанската ТВ емисија „Ел Чирингито“, Идалго рече: „Ден по ден, Хулијан е во Атлетико, но ќе видиме како ќе се развиваат работите. Фудбалот се менува брзо. Доколку треба да има трансфер, клубовите мора да разговараат и да постигнат договор“.
Алварез, кој импресионираше со своите настапи минатата сезона, има договор со „јорганџиите“ до 2030 година. Сепак, интересот на Барселона е сериозен. Според Идалго, емотивната поврзаност на напаѓачот со каталонскиот клуб и неговото восхитување кон Лионел Меси би можеле да играат важна улога.
-Тој отсекогаш ја следел кариерата на Лео Меси. Не мислам дека има многу Аргентинци кои не чувствуваат нешто посебно во врска со Барса. Хулијан е исклучително благодарен на некои поранешни играчи на Барселона кои зборувале добро за него - тоа го мотивира, додаде агентот.
Според информациите од Шпанија, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, и спортскиот директор Деко, внимателно го следат напредокот на Алварез и го гледаат како идеален напаѓач за иднината на клубот. Сепак, „блауграните“ нема да дејствуваат ова лето, туку внимателно ќе подготват евентуален трансфер во еден од следните преодни рокови.
Сепак, Атлетико нема намера лесно да се раздели од својата аргентинска ѕвезда, освен ако не се достави „неодолива“ понуда. дс
Фото: Архива