• вторник, 30 декември 2025

Јоурова за оценките во Стартегијата за безбедност на САД: ЕУ никого не спречува да го изразува својот идентитет

Јоурова за оценките во Стартегијата за безбедност на САД: ЕУ никого не спречува да го изразува својот идентитет

Брисел, 9 декември 2025 (МИА) – Апсолутно непознавање на работите е да се тврди дека Европската Унија го уништува културниот идентитет, изјави поранешната еврокомесарка Вера Јоурова за бриселскиот портал „Политико“, коментирајќи ги оценките за ЕУ изнесени во Стратегијата за национална безбедност на САД.

- Во изминатите 10 години многу патував низ ЕУ. Видов самоуверени луѓе, горди на својата култура, јазик и уметност. Да, некои земји имаат проблем со интегрирањето на (луѓе од) трети земји, но генерално, никогаш не видов никого во Европа да каже дека ЕУ некого го спречува да го изразува својот идентитет, истакна Јоурова.

Во Стратегијата за национална безбедност на САД, објавена минатата недела, меѓу другото се оценува и дека европскиот континент е на „пат кон цивилизациско бришење“ и дека ЕУ претставува „закана за демократијата“ и се повикува на „отпор на европските нации кон моменталната траекторија на Европа“, за што се ветува и американска помош „за исправање“ на таа траекторија.

Јоурова, која од 2014 до 2019 беше еврокомесарка за правда, заштита на потрошувачите и родова еднаквост, а од 2019 до 2024 за вредности и транспарентност, додава дека обидите на Вашингтон да ја прикаже ЕУ како „културна пустелија на работ на колапс“, не се совпаѓаат со нејзиното искуство поврзано со Унијата.

Таа се осврнува и на изјавите на сопственикот на Икс, Илон Маск, која се спореди ЕУ со нацистичка Германија и повика на нејзино укинување.

- Токму на ваквите пораки се радува Кремљ. Се она на што се радува Кремљ не е добро за Европа, изјави Јоурова, која неодамна во друга прилика го обвини Маск дека „не е во состојба да разликува добро и зло“.

Инаку, во ЕУ преовладува воздржаност околу коментирањето на ставовите изнесени во Стратегијата. Еден од ретките кои се огласи беше претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој вчера од Париз предупреди дека Европа „не може да ја прифати оваа закана за мешање во политичкиот живот на Европа“.

На одговор на новинско прашање дали Европската комисија „ги споделува истите идеали за иднината на Европа“ со Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изнесени во Стратегијата, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо вчера изјави дека Европската Унија самата ги носи одлуките кои се поврзани со неа и се однесуваат на неа.

- Кога станува збор за одлуки поврзани со Европската Унија и за Европската Унија, тие ги носи самата Европската Унија, тие ги вклучуваат и оние што се однесуваат на нашата регулаторна автономија и на заштитата на слободата на говорот и на меѓународниот поредок, рече Пињо.

На барање на „Политико“ за коментар на Стратегијта од страна на пратеничките групи во Европскиот парламент, лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер оценил дека „САД ја напуштаат својата улога како лидер на слободниот свет“.

Во вакви услови, според Вебер, единствениот излез за Европа е таа „да се интегрира“ во надворешната, одбранбената и енергетска политика, на тој начин што одлуките ќе се носат на „европско ниво“.

Лидерката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија Перез смета дека „европскиот пад“ е „опсесивна фантазија“ на политиката на Трамп.

- ЕУ не го поткопува суверенитетот, туку го зајакнува со обезбедување раст, стабилност и мир, изјавила Гарсија.

Претседателката на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), Валери Ајер, пак, нагласила дека авторите на Стратегијата се обидуваат да го искриват европскиот политички пејзаж и да ги поттикнат оние што го поткопуваат и го уриваат европското единство.

- Фактот дека екстремистичките партии бараат поддршка од странство, покажува дека нивното тврдење оти се „патриоти“, не е ништо друго освен токсична измама, додава Ајер.

Трите десничарски групи во ЕП, Патриотите за Европа (ПФА), Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН), чии лидери важат за блиски до Трамп и неговата Администрација, го одбиле барањето на „Политико“ да ја коментираат американската Стратегија.

Сумирајќи ги ставовите, порталот заклучува дека е очигледно оти Стратегијата на САД има влијаните врз ЕУ, но останува да се утврди дали блокот е подготвен да преземе смели чекори кон посилна европска интеграција, во услови кога таквата перспектива нема поддршка од сите лидери на земјите членки. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан