• сабота, 22 февруари 2025

Штрајк на работниците во велешка Колска

Штрајк на работниците во велешка Колска

Велес,6 февруари 2025 (МИА) - Незадоволни поради што се уште ја немаат земено декемвриската плата и регрес за одмор, а се и без здравствено осигурување, денеска со штрајк протестираа педесетината работници на Фабриката за шински возила „Велес“ попозната како Колска подржани од фабричкиот синдикат и од претедателот на ССМ,Слободан Трендафилов.

Тие преку медиумите им порачаа на Владата и на министерот за сообраќај и транспорт Александар Николоски да ги посети и да им каже дали ќе добијат плата и здравствено осигурување се’ до продавањето на фирмата. Колска  од декември лани  е во стечајна постапка, а првото првото рочиште со доверителите, судот го  закажа  на 19 март годинава. Ако не им се исполнат барањата до петок и не добијат плата и регрес за одмор, работниците подржани од ССМ се заканија дека од понеделник ќе протестираат на Железничката станица во Велес со блокада на железничкиот сообраќај.

Тони Арсовски претседател на фабричкиот синдикат на Колска за медиумите информира дека на штрајк се одлучиле бидејќи две недели трпеливо чекале и ништо не им е исплатено.

-Нема ни плата нема ни најава дека ќе ја земеме, затоа се решивме да започнеме штрајк, а ако не ни се исплатат, од понеделник ќе штрајкуваме на Железничката станица во Велес  со блокада на железничкиот сообраќај бидејќи немаме друга опција, рече Арсовски.

Тој потсети дека вработените во Колска веќе 30 - тина година постојано се соочуваат со проблем на нерадовни плати и придонеси, оради што имаат одржано и најмногу штрајкови од македонските фирми.

Арсовски посочи дека вработените и синдикатот на Колска досега имаат упатено  десетина дописи до Владата и надлежното министерство за транспорт и врски и досега, а и денеска со овој најнов штрајк бараат од  надлежните  да им кажат  како ќе земаат плата се додека трае процесот на реорганизација на Колска.

-Досега ниту сме повикани ниту некој од надлежните не исконтактирал. Да потсетам иницијативата за реорганизација на фирмата беше на Владата и ни се нудеше нас како вработени да потпишеме. Бидејќи фабриката не е наша тука е државна, нашата управителка не сакаше да потпише и затоа ни се донесе нов управител поставен од Владата. Тој  за рекордно време од само три дена потпиша се’ за да може да оди постапката за реорганизација односно стечај на Колска, појасни Арсовски.

Тој од името на сите вработени на Колска преку медиумите упати повик до вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски да дојде во Колска во Велес.

- Нека види во какви услови работиме и без здравствено осигурување. Па ако има некоја магична формула нека каже како овие работници без плата за своите семејства и без здравствено осигурување во неповолни услови за работа и без затоплување може да работат, нека ни каже, а ние ќе ја прифатиме, порача Арсовски од името на сите работници.

Слободан Трендафилов претседателот на ССМ, информира дека е тука на штрајк со подршка на работниците на Колска бидејќи сопственикот Владата ги остави нив и нивните семејства без корка леб и без плата за новогодишните и Божиќни и други празници и кои  се уште немаат добиено плата до денес.

-Ваков однос е неприфатлив кон една категорија повозрасни работници без плата и здравствено осигурување кои работат и над 40 години за Македонски Железници на  одржување на возовите и вагоните и кои се грижат истите да се вратат во исправна состојба. Затоа Сојузот на синдикатите на Македонија дава целосна и безрезервна поддршка за сите активности и акции коишто ќе ги прават во наредниот период вклучувајќи и блокирање на железничкиот сообраќај, ако до петок не им се исплати платата и регрес за годишен одмор К-15, најави првиот синдикалец Трендафилов.

Тој на надлежните им порача дека се лаже некој доколку смета дека ќе ја продава Колска, а работниците ќе седат на работа без да примаат плата, и оти новиот газда кој ќе ја купи Колска за малку пари со години нема да им ги исплаќа заостанатите плати на работниците.

-Затоа го повикувам ресорниот министер да дојде во Колска во Велес да ги погледне во очи овие луѓе и да им каже зошто се оставени на ваков начин. Не е фер спреме вработените, директорот назначен од нив и денеска  да помине покрај вработените кои штрајкуваа како да не се тука и како да не постојат. Такво непочитување кон работниците е недозволиво во Македонија и мислам дека рабитниците како што многупати во сите изминати години покажаа дека се истрајни во нивната работничка борба и во наредниот период ќе го покажат и докажат тоа и ќе упатат сериозна порака до креаторите на политиките. Не може да распродавате нешто што е градено со години и да ги оставате работниците на ветрометина, да не можат да живеат,да не можат да преживуваат,а да не можат ни здравствено да се лечат бидејќи сите од нив се повозрасна категорија на работници. Да се надевате дека ќе не снема е многу погрешен чекор, и затоа повикувам Владата како сопственик која го поставува управителот на Колска и одма да го разреши, порача Трендафилов.

Инаку во Колска моментално се вработени 50 тина работници, а годинава во пензија ќе си заминат десет, со што бројот ќе се намали под 40 вработени.

Работниците се пожалија дека и покрај тоа што се без плата и придонеси  се уште  работат во несоодветни услови во  ладните фабрички хали со многу скршени прозорци од кои фури ветар и дожд и само едно- две  импровизирани лимени  ќумбиња,  кои  наместо со дрва ги ложат со струготини.

Работниците посочија дека проблемот што се појавува веќе неколку месеци е дека на секои три месеца преку МЖ се потпишуваат договори за по пет или шест коли-вагони за работа, а што е една плата за нив. Тие појаснуваат дека тука се создава вакум простор, бидејќи се малку вработени и неможат да го покријат тој аванс да ги сработат овие вагони за толку кратко време.

Воедно се жалат дека за поправка им се дадени премногу стари и крш вагони кои многу тешко можат да се репарираат и за кои немаат ни доволно материјал за работа ниту делови.

Од друга страна тие имаат и целосно веќе репарирани четири вагони кои стојат во нивната хала за работа, а кои  Македонски Железници не ги зема  бидејќи биле со дрвен патос.

Вработените во Колска со години бараат од државата да се вратат како погон на Македонски Железници како што беа и порано.ад/

Фото: МИА

Остани поврзан