Штип и бугарската општина Гоце Делчев со европски пари ќе градат зелена инфраструктура
- Општина Штип и бугарската Општина Гоце Делчев со европски пари ќе градат зелена инфраструктура. На денешната заедничка прес-конференција градоначалниците на Штип и Гоце Делчев, Иван Јорданов и Владимир Москов, Стефан Вангелски државен советник во Министерството за локална самоуправа и директорот на Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР), Трајче Здравков беше истакнато дека двете општини ќе добијат нови паркови и зелени површини, како дел од проектот за позелен пограничен регион.

Штип, 13 февруари 2025 (МИА) - Општина Штип и бугарската Општина Гоце Делчев со европски пари ќе градат зелена инфраструктура. На денешната заедничка прес-конференција градоначалниците на Штип и Гоце Делчев, Иван Јорданов и Владимир Москов, Стефан Вангелски државен советник во Министерството за локална самоуправа и директорот на Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР), Трајче Здравков беше истакнато дека двете општини ќе добијат нови паркови и зелени површини, како дел од проектот за позелен пограничен регион.
Директорот на Центарот за развој на ИПР, Здравков истакна дека со ова се предвидува двете општини да добијат поголеми зелени површини со што ќе се зачува чиста и животната средина. Проектот предвидува и изработка на Стратегија, како и едукација на населението.
-Во проектот е предвидено да се реализираат активности кои ќе резултираат со изградба на паркови во општините Штип и Гоце Делчев. Ние имаме обврска да изработиме Стратегија за зелена инфраструктура, вели Здравков.
Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов додаде дека предвидено е нов парк во населбата Осми Ноември, но и парк кај бањата Кежовица, како и во близина на зградата на Противпожарната единица. Дополнително општината ќе учествува со сопствени средства во низа проекти, со што Штип годинава ќе добие зелена трансформација.
-Повеќе од 280. 000 евра се предвидени за паркови површини преку овој проект, на три локации, повеќе од еден хектар ќе имаме зелена површина, уредена. Дополнителни ние како локална самоуправа од сопствени средства предвидуваме финансирање на низа проекти во рамки на таа зелена агенда. Деновиве ќе започне изградбата на мега паркот покрај булеварот „Партизанска“, изјави Јорданов.
Градоначалникот на Општина Гоце Делчев во Република Бугарија, Москов на денешната прва конференција за овој меѓуграничен проект рече дека кај нив ќе се работи на реконструкција на плоштадот „Македонија“ и уредување на паркот.
-Кај нас ќе биде обновен и реконструиран плоштадот „Македонија“, тоа е местото пред нашиот културен дом, заедно со целиот парк кој треба да биде обновен. Ќе се работи и на воведување на нови содржини за прошетка, за забава и одмор на граѓаните, изјави Москов.
Државниот советник во Министерството за локална самоуправа, Вангелски изјави дека во оваа приоритетна оска беа одобрени пет проекти и тоа во пет општини во земјава, со вкупен износ од 4,1 милион евра. Сите пет проекти во изминатиот период започнаа со имплементација и се очекува да бидат завршени во наредните две години.
-Министерството за локална самоуправа учествува со 15% кофинансирање на целиот проект и очекуваме да се исполни очекувањето од овој проект за позелен пограничен регион и и отворање на нови работни места, рече Вангелски.
Проектот за позелен пограничен регион е со вкупна вредност од 860. 000 евра и треба да биде реализиран во наредните 24 месеци. Инаку веднаш по првата прес-конференција за овој меѓуграничен проект меѓу Бугарија и Северна Македонија фирмата изведувач беше воведена во работа на изградба на паркот кај детската градинка во штипската населба Осми Ноември. Овој парк ќе има пешачки патеки, урбана опрема, детски реквизити и ќе биде осветлен. вдј/сст/
Фото: МИА