Шеталиштето во Стар Дојран со ново хортикултурно уредување
- Општина Дојран започна со хортикултурно уредување и разубавување на шеталиштето во Стар Дојран, со цел да го оплемени просторот кој подолго време е со запуштен изглед. Со оваа иницијатива, како што велат од општината, ќе се врати сјајот на едно од најфреквентните и најпрепознатливи места покрај Дојранското Езеро.
Дојран, 8 март 2026 (МИА) - Општина Дојран започна со хортикултурно уредување и разубавување на шеталиштето во Стар Дојран, со цел да го оплемени просторот кој подолго време е со запуштен изглед. Со оваа иницијатива, како што велат од општината, ќе се врати сјајот на едно од најфреквентните и најпрепознатливи места покрај Дојранското Езеро.

Од општината информираат дека се засадува ново сезонско цвеќе и декоративни растенија за да се создаде пријатен амбиент за прошетка и одмор за жителите и туристите. Истовремено, повторно се уредуваат постојните жардињери, се кастрат и обликуваат зимзелените садници, со отстранување на сувите и оштетени гранки и расчистување на дивата вегетација.
- Посебен акцент е ставен на обновување и ревитализација на зеленилото со внимателно одбрани видови кои се прилагодени на климатските услови во регионот, со што се обезбедува долгорочна одржливост и полесно одржување на јавните површини. Со редовно кастрење и соодветна нега, постојните зимзелени форми добиваат уреден и репрезентативен изглед, а просторот станува побезбеден и попрегледен, се вели во соопштението на општина Дојран.

Локалните власти апелираат до сите граѓани и посетители да го чуваат и почитуваат уредениот простор и со заедничка одговорност да се придонесе кон почиста, позелена и поубава околина. Од општината најавуваат дека активностите за одржување ќе продолжат и во наредниот период. рш/дма/
Фото: Фејсбук на градоначалникот на Дојран, Илија Тентов