• сабота, 28 март 2026

Мицкоски: Бројките од анкетите не мотивираат дополнително да работиме, како Влада правиме се за да испорачаме што е можно повеќе за граѓаните

Мицкоски: Бројките од анкетите не мотивираат дополнително да работиме, како Влада правиме се за да испорачаме што е можно повеќе за граѓаните

Скопје, 28 март 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите во врска со анкетите, каде според бројките неговата партија има убедливо водство пред останатите политички партии, истакна дека Владата прави се што е во нејзина моќ да испорача резултати, и покрај, како што вели тој, катастрофалната состојба наследена од претходната влада. Потенцира дека бројките од анкетите значат дополнителна мотивација за работа, иако опозицијата испраќа погрешни и навредувачки пораки.

-Како ВМРО-ДПМНЕ и како Влада правиме се што е во наша моќ да испорачаме, и јас лично што е можно повеќе за граѓаните. За жал, состојбата која што ја наследивме од претходната влада е ужасна, катаклизмична. Грешките кои што се таложеле со децении и погрешните политики кои што имале негативен ефект врз државата се големи. Ресурсите се за жал како резултат на тие погрешни политики многу мали. И ние работиме врз основа на приоритети, рече Мицкоски по настанот под мотото „Youth Vision 2030: Western Balkans, Stability & AI in Education“.

Премиерот истакна дека бројките значат само дополнителна мотивација за работа.

-Овие бројки само треба да не мотивираат дополнително да работиме. Ова се само поголема одговорност и за мене како претседател на Владата, но и како ВМРО-ДПМНЕ како носечка партија во рамките на владината коалиција. Во јавноста знаете, од страна на опозицијата  се испраќаат погрешни пораки, би рекол, пораки невистинити. Пораки навредувачки, пораки кои што имаат намера да растурат пердуви и по теркот на оние пи-ар стратегии колку фати фати, колку не фати тоа е тоа, посочи тој.

Мицкоски потенцира дека тој ќе стори се што е во негова моќ да испорачат што е можно повеќе за граѓаните.

-Ние сме сериозна државотворна партија, така и се однесуваме во Владата. Јас како човек, ќе сторам се што е во моја моќ да испорачаме што е можно повеќе за граѓаните. Чуда никогаш не сме ветувале. Ако ги игнорираме оние лажни изјави, за наводни наши ветувања кои што никогаш не сме ги кажале од страна на опозицијата. Ние водевме кампања и во 2024, и во 2021, и во 2025 дека чуда не ветуваме, чуда се невозможни, оној кој што ветува чуда не ја говори вистината, ги манипулира граѓаните. Ветуваме многу работа, напорна работа, работа како никогаш до сега и што е можно повеќе политики, реформи за подобра иднина на граѓаните, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Според последното истражување на јавното мислење на МКД.мк и агенцијата Маркет вижн за рејтинзите на политичките партии и нивните лидери, спроведено од 2 до 18 март,  покажува дека граѓаните и натаму најголема доверба имаат во ВМРО-ДПМНЕ и во лидерот на оваа партија и премиер Христијан Мицкоски. Владеачката партија е веќе безмалку две години на власт, исто толку и Мицкоски е македонски премиер, но нивниот рејтинг и натаму е висок во споредба со опозицијата. Вкупниот резултат на сите претседатели на македонските политички партии, според истражувањето, е помал од бројката за довербата што ја има лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба, една четвртина од испитаниците се изјаниле дека (25,2%) најголема доверба имаат во Христијан Мицкоски. Потоа следат Али Ахмети (5,6%), Димитар Апасиев (4,2), Изет Меџити (3,9%), Венко Филипче (3,6%), Максим Димитриевски (3%) .

На прашањето за која политичка партија ќе гласате на следните избори, 24 отсто од испитаниците одговориле дека нивниот избор е ВМРО-ДПМНЕ. Втора партија е Вреди со 5,1 отсто доверба, па СДСМ о 4,9%, ДУИ 4,8%, Левица 3,1%, ЗНАМ 2,1… 28,1 отсто од испитаниците одговорија дека нема да гласаат, а 9,7% – „не знам дали ќе гласам“.

Анкетирањето било спроведено од 2 – 18 март со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници. фф/вг/

Фото: МИА/принтскрин од графикони

Остани поврзан