Мицкоски: Преку 30 отсто е реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал, кај транспортот над 50 проценти
- Мицкоски, како што изјави денеска, е исклучително задоволен од динамиката на изградбата на автопатите и очекува сите планирани рокови за завршување на активностите да бидат запазени. Одговорајќи на новинарско прашање, информира дека изградбата на автопатот Требениште - Струга - Ќафасан најверојатно ќе претрпи измени, но разговорите околу тоа се уште се во тек и не е донесена конечна одлука.
Охрид, 29 март 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал од годинава е преку 30 проценти, а кај транспортот изнесува над 50 отсто од предвиденото.
Мицкоски, како што изјави денеска, е исклучително задоволен од динамиката на изградбата на автопатите и очекува сите планирани рокови за завршување на активностите да бидат запазени.
Одговорајќи на новинарски прашања по означувањето на почетокот на реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“, премиерот информира дека изградбата на автопатот Требениште - Струга - Ќафасан најверојатно ќе претрпи измени, но разговорите околу тоа се уште се во тек и не е донесена конечна одлука.
-Повеќе од 30 отсто изнесува реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал годинава кој се уште не е завршен, значи, над 30 проценти, што е исторски можеби најдинамична реализација на капитални инвестици. Мислам дека транспорт има над 50 отсто од тоа што беше предвидено. Нема сопирање, продолжуваме да работиме. Исклучитлено сум задоволен од динамиката во однос на автопатите. Очекувам сите рокови што ги дадовме да бидат завршени. Автопатот Требениште - Струга - Ќафасан, најверојатно нема да остане во план зашто не зависи од нас, туку од УНЕСКО. Но, се бара начин како да се заокружи и таа целина зашто влегува во периметарот на УНЕСКО. Ќе најдеме начин како повторно да имаме безбеден сообраќај меѓу тие две отсечки. Во овој момент уште се преговара, разговара и не е донесена конечна одлука. Најверојатно тука ќе треба да имаме некакви измени, рече Мицкоски.
Според него, завршувањето на автопатот Кичево - Охрид продолжува со средства кои ЈПДП ќе ги позјами од домашните банки.
-Од некакви причини финсирањето од кинеската банка е прекинато и ние бевме известени за тоа, но се снајдовме. Се обезбеди доволна сума за да го завршиме овој проект. Како што ветивме, така да го пуштиме во употреба. Истото се случува и со останатите автопати. Од за мене неразбирливи причини на почеток, автопатите кои се дел од коридорите биле префрлени во Министерството за транспорт наместо во ЈПДП. Со измени на законот се вратија каде што припаѓаат. Има динамика на реализација од компанијата изведувач. Таму освен авансот што беше исплатен, ништо друго не беше направено, но благодарение на експресната акција на Министерството за транспорт, потпретседателот на Владата и директорот на ЈПДП, завршени се 90 проценти од работите што зависат од државата. Сега останува добра организација од страна на изведувачите и таа работа да се заврши. Можеби ќе треба рокот малку да се пролонгира, но важно е дека и таа целина ќе се заокружи, истакна Мицкоски.
Тој порача дека Владата и покрај наследените проблеми поради лошите политики на нејзините претходници, ги завршува работите.
-Имаме ограничен број ресурси, но дефинираме приоритети и врз основа на нив ги завршуваме работите. Многу е важно што не создаваме нови проблеми и не креираме ново лошо наследство за генерациите после нас. Еден по еден приоритетите ги завршуваме и се ќе биде завршено како што сме кажале, подвлече премиерот Мицкоски.
На новинарско прашање дали ќе има нови авиолинии за нашите печалбари во европските земји, Мицкоски ја повтори информацијата што претходно ја кажа генералениот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, дека од денеска почнуваат летовите Охрид - Милано, а од мај со „Аустриан ерлајнс“ се најавени и директни линии до Виена. Веќе има, потсети Мицкоски, и летови до неколку полски градови - Вроцлав, Катовице. Сепак, според премиерот, покрај посточеките, ќе има и нови линии. мч/вг/
фото: