Финансиска поддршка за земјоделците во Пелагонија за органско земјоделско производство
- Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со седиште во Битола, денеска упати потсетување до пелагониските земјоделци дека до 25 декември може да поднесат барања за финансиска поддршка во органското производство.
Битола, 10 декември 2025 (МИА) - Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со седиште во Битола, денеска упати потсетување до пелагониските земјоделци дека до 25 декември може да поднесат барања за финансиска поддршка во органското производство.
Во изјава за МИА, раководителот на ПЕ на МЗШВ во Битола, Стојан Христовски истакна дека со финансиската поддршка опфатени се повеќе мерки, како и дополнителни директни плаќања за подмерките на МЗШВ.
-Сакам да ги известам земјоделците дека може да ја искористат финансиската поддршка за преработка на органски производи и органски производи во преод од домашно сточарско и растително потекло.Тоа е поддршка од 10 насто од вредноста на произведените и продадени производи, до 150.000 денари по оператор и 30.000 денари по сертифициран органски производ од растително и сточарско производство, за не повеќе од 5 преработени производи. Поддршка има и за трговија или маркетинг на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло, како и посебни директни плаќања за стручна контрола и сертификација, односно 50 насто од трошоците за добиен сертификат издаден од овластено тело во 2025 година. Во финансиската поддршка вклучени се и посебни директни плаќања за анализа на производ кај земјоделски стопанства, изјави Христовски.
Во канцелариите на МЗШВ во Битола, но и во дисперзираните канцеларии во општините Могила и Новаци, обезбедени се и информации за дополнителни директни плаќања за подмерки содржани во финансиската програма.
-Пелагониските земјоделци може да ја корстат подмерката за дополнителни директни плаќања за остварено производство на пченица, јачмен, сончоглед, маслодајна репка и афион која изнесува 6.000 денари по хектар и за афионова чушка која изнесува 18.000 денари по хектар, потоа директни плаќања за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети, но и директни плаќања од подмерката за овошје предадено во преработувачки капацитети или кај регистрирани откупувачи, појасни Христовски.
Од ПЕ на МЗШВ со седиште во Битола посочија дека во рамки на финансиската поддршка и предвидениот рок до 25 декември отворени се подмерките за директни плаќања за пчелни семејства вклучени во селекција за производство на пчелни матици, како и плаќања за лабораториска анализа на физички и хемиски својства на мед.мт/са/
Фото: МИА