Трибина: Потребно зајакнување на институционалната отпорност и професионалните дипломатски капацитети во пресрет на новите глобални безбедносни предизвици
- -Денес се наоѓаме на една разиграна и непредвидлива шаховска табла. Светот се менува, НАТО и ЕУ ги редефинираат своите стратегии, а ние мораме да се прилагодуваме. Потребно ни е национално единство за клучните стратешки прашања, кое ќе ги вклучи академската заедница, бизнис секторот и медиумите, за да не погрешиме во чекорите во овој невралгичен регион, заклучи Гоцевски.
Скопје, 19 декември 2025 (МИА) - Северна Македонија од својата независност до денес донесе тешки, но принципиелни и стратешки важни одлуки. Со членството во НАТО, и покрај тоа што за него е платена многу висока цена, македонската држава ја осигура својата надворешна, но што е уште поважно, и внатрешна безбедност и стабилност. Во изминативе три децении земјава се докажа како конструктивен и кредибилен партнер, посветен на мирот, стабилноста и просперитетот. И во услови на длабоки глобални промени остануваме цврсто определени кон вредностите на мултилатерализмот, меѓународното право и соработката, уверени дека тие се во наш национален интерес. Ова беше главниот заклучок од денешната трибина насловена „Република Северна Македонија - три децении во европската и евроатлантската политичко-безбедносна архитектура“, што се одржа во Домот на АРМ во организација на Дипломатскиот клуб - Скопје и Здружението на ветераните и резервистите од одбраната и безбедноста.
Настанот, кој ја одбележа 30-годишнината од приемот на земјата во ОБСЕ и во Советот на Европа, како и пристапувањето кон Партнерството за мир на НАТО, ги обедини клучните актери од дипломатијата и одбраната за да направат ретроспектива на стратешките одлуки од 90-тите, но и да ги анализираат актуелните безбедносни предизвици.
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, истакна дека денес сведочиме на длабоки и структурни промени во меѓународниот систем и дека се наоѓаме на залезот на периодот на униполарноста, во услови на засилени обиди за предизвикување на меѓународниот поредок заснован на правила, вредности и мултилатерализам.
-Се поочигледно е здруженото дејствување на ревизионистичките сили кои настојуваат своите стратешки цели да ги реализираат преку демонстрација на силата, а меѓународното право да го повикуваат селективно, само кога тоа им одговара на нивните интереси. Рускиот агресивен милитаризам кој директно е насочен кон Украина со воени дејствија, а индиректно и кон цела Европа преку засилени хибридни закани и дестабилизирачки активности, заедно со системскиот предизвик што произлегува од подемот на Кина и нејзините глобални амбиции, ја редефинираат стратешката рамка врз која НАТО и ЕУ ги темелат своите политики и одлуки, рече тој.
Во таа насока, посочи Димитровски, заедно со нашите сојузници од Алијансата, ги усогласуваме дипломатските, политичките и одбранбените напори во обезбедување на ефективно одвраќање, одбрана и отпорност.
Нагласи дека земјава од својата независност до денес донесе тешки, но принципиелни и стратешки важни одлуки, со кои јасно се позиционираше на страна на европското единство, мирот и просперитетот и дека нашата држава стана активен контрибутор кон регионалната, европската и глобалната безбедност, и тоа уште пред полноправното членство во НАТО.
-Со членството во НАТО, и покрај тоа што за него е платена многу висока цена, македонската држава ја осигури својата надворешна, но што е уште поважно, и внатрешна безбедност и стабилност. НАТО не функционира само како надворешен штит. Нема НАТО членка која е нападната однадвор, а што е уште поважно, делува како внатрешен стабилизатор и гарант на институционалната цврстина. Нема НАТО членка која се растурила одвнатре, посочи тој.
Според него, нерешените прашања во регионот создаваат простор за дејствување на злонамерни актери кои настојуваат да ги поткопаат демократските процеси, да шират дезинформации, да наметнат политичко и економско влијание чија цел е да ја ослабнат довербата во институциите. Додаде дека антизападните наративи кои сè почесто се појавуваат во одредени делови од регионот, директно го доведуваат во прашање европскиот и евроатлантскиот курс, спротивно на јасно изразената волја на граѓаните.
-Овие процеси отвораат простор за влијанија на актери на кои не им е во интерес мирен, стабилен и европски Западен Балкан. Оттаму и растечките тензии, политичката нестабилност, национализмот, популизмот и сецесионистичките тенденции во регионот, заклучи Димитровски.

Андреј Лепавцов, директор за ЕУ во МНРНТ истакна дека 2025 означува значаен, но тежок момент за земјава, 20 години откако беше добиен статусот на кандидат за ЕУ.
-Во изминатите две децении, земјата спроведе обемни реформи, направи болни компромиси и неопходност од справување со сложени предизвици, вклучувајќи промени на името и историски спорови, само за да се постигнат постојано менувачки цели, рече Лепавцов.
Тој истакна дека ЕУ политиката за проширување во новиот политички циклус на ЕУ се соочи со целосно нова геополитичка околина, предизвикана со војната во Украина и фокусирање кон безбедносни и одбранбени прашања.
-Со воведување на концептот на градуелна интеграција ЕУ прави обид за поголема вклученост на земјите во политиките на ЕУ, иако постојат натамошни дилеми поврзани со опсегот и временската рамка. Паралелно со Планот за раст и реформските агенди ЕУ инсталира нов инструмент кој е во функција на забрзување на процесот, посочи Лепавцов.
Тој оцени дека во постоечката ситуација во однос на проширувањето, постои неконзистентност и отстапување од суштинските принципи втемелени во Копенхагенските критериуми со воведување на аспекти на билатерализација, како и воведување на „брза патека“ заради геополитички интерес.
-Во однос на билатерализацијата на ЕУ пристапниот процес и бугарското вето, не е само проблем за Македонија, тоа станува сериозен проблем и за другите земји во регионот. Ова прашање останува значаен предизвик, но мора да се најде решение. Македонија ќе продолжи да бара компромисно решение преку дијалог – компромис кој ни дава сигурност дека нема да се најдеме повторно во истата ситуација, вели Лепавцов.
Според него, имајќи ги предвид сите напори и заложби сепак се поставува прашањето за натамошно посилно придвижување на пристапниот процес и начините како тоа да се оствари.
Тој заклучи дека треба да продолжи испораката реформски резултати клучни за пристапниот процес, да се отпочнат преговорите и да се зајакнат институциите, да се продолжи со напорите за градење добрососедство со Бугарија и заживување активен политички дијалог и соработка врз основа на меѓусебната доверба и заемна почит.
-Од страна на ЕУ, потребни се храбри политички одлуки доколку цел е геополитички да се заокружи регионот и да се затвори просторот за штетни влијанија и зајакне отпорноста на ЕУ од безбедносни закани, рече Лепавцов, додавајќи дека се неопходни јасни временски одредници кои ќе создадат мотивација и ќе спречат ретроградни процеси.
Претседателот на Дипломатскиот клуб и прв амбасадор во ЕУ и НАТО, Јован Теговски, се осврна на 1995 година како пресвртница во современата историја, нарекувајќи го тој период „дипломатска офанзива“ во која државата воспоставила односи со САД и ЕУ и влегла во клучните меѓународни организации.
- Овие три децении покажуваат дека стратешката определба за европска и евроатлантска интеграција била исправна. Искуството нуди поука дека малите држави можат да го зајакнат својот капацитет само преку јасна стратешка ориентација и институционална инклузија, рече Теговски, додавајќи дека денес е потребен ист таков консензус и храбри политички одлуки за евроинтеграцискиот пат, особено за да се задржат младите во земјата.
За драматичните почетоци на независноста зборуваше првиот министер за одбрана, проф. д-р Трајан Гоцевски, кој направи паралела помеѓу два датуми - 27 март 1992 година, кога последниот војник на ЈНА ја напушти земјава, и 27 март 2020 година, кога земјата официјално стана членка на НАТО.
Гоцевски потсети на времето кога државата „одела по работ на бездната“, соочена со закани за воен удар, снајпери пред институциите и отсуство на сопствена армија и дефинирани граници.
-Денес се наоѓаме на една разиграна и непредвидлива шаховска табла. Светот се менува, НАТО и ЕУ ги редефинираат своите стратегии, а ние мораме да се прилагодуваме. Потребно ни е национално единство за клучните стратешки прашања, кое ќе ги вклучи академската заедница, бизнис секторот и медиумите, за да не погрешиме во чекорите во овој невралгичен регион, заклучи Гоцевски.
Трибината беше заокружена со дискусија за потребата од зајакнување на институционалната отпорност и професионалните дипломатски капацитети во пресрет на новите глобални безбедносни предизвици. нд/вг/
Фото: МИА