• сабота, 21 декември 2024

Среќна Нова 2024 посака македонски весник „Илинден“

Среќна Нова 2024 посака македонски весник „Илинден“

Тирана, 2 јануари 2024 (МИА) - Новата 2024 година, која зачекоривме на своите почитувани читатели и сите граѓани им ја честита редакцијата на македонскиот весник „Илинден“, со желби за „добро здравје, радост, благосотојба и успеси“.

Во исто време искажува благодарност за нивната доверба кон овој печатен медиум на македонски јазик во Албанија.

-Почитувани, Ви благодариме на довербата која ни ја дадовте како на одговорен, непристрасен и објективен медиум, кој информира и анализира преку својата новинарска екипа за сите настани, за и околу Македонците, за случувањата во државата и пошироко, преку две платформи: печатено и електронско издание, стои во честитката на весникот.

Се додава дека и годинава ќе продолжат со одговорната и многу значајна новинарска работа.

- Во 2024 година, ние ќе продолжиме според новинарските стандарди и етика да ве информираме навремено, објективно и од сите агли за најважните проблеми на Македонците во Република Албанија, настаните кои се случуваат во Албанија, татковината Македонија регионот и во светот, порачува редакцијата на весникот чиј главен и одговорен уредник е Никола Ѓурѓај.

На 1 март 2011 година како двоброј (март/април) беше отпечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

- Изминативе години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Весникот „Илинден“ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија, оценуваат од редакцијата.

На 18 минатиот месец излезе од печат 60.издание на весникот кој е гласило на истоименото друштво во Тирана. Од мај 2017 година весникот е со електронско издание www.vesnik-ilinden.coм.

Во септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk . вт/

Фото: „Илинден“

Остани поврзан