Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува „24 Синедејс“
- Филмот ја имаше својата премиера на јубилејното 50. издание на престижниот Филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот „Синедејс“.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодишниот „Синедејс“ (CINEDAYS). По седум интензивни филмски денови, публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
- Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици што ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија нѐ покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите коишто вечер ќе ги соопштат жири-комисиите во двете конкуренции, вели Маргарита Арсова - програмски координатор на фестивалот.
По свеченоста на доделувањето награди, вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во којшто македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од „Дрим фактори“ (Dream factory).
- Филмот се занимава со едно многу специфично место, во коешто во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа што ме наведе да размислувам за идејата за овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира, не би сакал да се генерализира за сите заедници кои пружаат духовна поддршка, вели режисерот.
Македонската страна на продукцијата ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски - Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и глумецот Тони Михајловски.
- Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него, додаде Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот глумат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Ненад Хераковиќ. Филмот ја имаше својата премиера на јубилејното 50. издание на престижниот Филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот „Синедејс“. По проекцијата, следи ди-џеј настап на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав „Фулишгрин“. си/са/
Фото: МКЦ