• петок, 02 јануари 2026

Свети порти во четири папски базилики ро Рим-поминувањето низ нив, можност за покајание и прошка

Свети порти во четири папски базилики ро Рим-поминувањето низ нив, можност за покајание и прошка

Скопје, 2 јануари 2026, (МИА)

Славица СТЕФАНОВСКА

Светата порта (латински: Porta Sancta) е традиционално влезен портал кој се наоѓа во рамките на главните папски базилики во Рим. Вратите обично се затворени одвнатре, се додека церемонијално не бидат отворени за време на јубилејните години одредени од Папата. Тоа се случува за време на Јубилејот на секои 25 години, а се верува дека верниците кои влегуваат низ тие порти ќе добијат прошка за своите гревови. Јубилејот е познат како Целестинско простување и класифициран од УНЕСКО како усно и нематеријално наследство на човештвото.

Во Рим има четири папски базилики кои имаат свети порти кои се отвораат само во јубилејните години - базиликата „Св. Петар“ во Ватикан, базиликата „Св. Јован Латерански“, базиликата „Св. Марија Маџоре“ и базиликата „Св. Павле надвор од ѕидините“. Овие порти беа отворени цела 2025 година и милиони верници ја искористија можноста да поминат под портите.

Светата порта на базиликата „Свети Петар“ ја отвора Папата на почетокот на јубилејната година. Вообичаено тоа е првата врата што се отвора да се означи почетокот на Светата година или таканаречениот Јубилеј. 

Минатата година, вечерта на Бадник на 24 декември 2024-та, Светата порта на базиликата „Свети Петар“ ја отворил сега веќе починатиот папата Франциск. Таа ќе биде и последната која ќе биде затворена на 6 јануари 2026. Останатите три веќе се затворени.

Ѕидот што ја затвора портата се расклопува неколку дена пред церемонијата. За време на оваа операција, се вади ковчег, кој бил обѕидан од крајот на претходната Света година, а внатре е клучот што овозможува отворање на вратата. Папата ја турка вратата на симболичен начин за време на церемонијата на отворање.

Традицијата на „заѕидување“ сѐ уште постои, но тоа е повеќе симболично, не како во средниот век, туку обично се користат специјални панели и тули што подоцна лесно се отстрануваат. Отворањето и затворањето се прави со свечен литургиски обред.

Од моментот на отворањето, Светата порта останува отворена во текот на целата јубилејна година за да им се овозможи на верниците да поминат низ неа. Со ова отворање на Светата порта, оние што доаѓаат во Рим можат целосно да го проживеат јубилејното искуство, но, исто така, можат да доживеат и подлабоко значење, имено дека нивниот пат на преобраќање стигнал до последната фаза - средбата со Христос, вратата што нè обединува со Отецот. 

Од симболична гледна точка, Светата порта добива посебно значење: таа е најмоќниот знак на Јубилејот, бидејќи крајната цел на поклонението е да се помине низ неа. Отворањето на вратата од страна на Папата претставува официјален почеток на Светата Година. Првично, имало само една врата, во базиликата Свети Јован Латерански, која е катедрала на римскиот епископ. Подоцна, за да им се овозможи на што е можно повеќе поклоници да учествуваат во искуството на Јубилејот, и другите римски базилики ги отвориле своите свети врати.

Редици верници чекаат трпеливо да поминат низ Светите порти на овие папски базилики, што беше случај и со базиликата „Санта Марија Маџоре“. 

При преминувањето на прагот на Светата Врата, поклонението се потсетува на пасусот од 10-то поглавје од евангелието на Свети Јован: „Јас сум вратата. Ако некој влезе преку мене, ќе биде спасен и ќе влегува и ќе излегува и ќе наоѓа пасиште“. Минувањето низ Светата Врата ја изразува одлуката да се следи и да се биде воден од Исус, кој е Добриот Пастир. Вратата е премин што го воведува поклонението во внатрешноста на црквата. За христијанската заедница, црквата не е само свето место, кон кое треба да се пристапи со почит, со соодветно однесување и кодекс на облекување, туку е и симбол на заедништвото што го поврзува секој верник со Христос: тоа е место на средба и дијалог, на помирување и мир што го чека секој поклоник, Црквата е во суштина местото на заедницата на верниците.

Во Рим, ова искуство добива посебно значење поради посебните врски помеѓу вечниот град и светите Петар и Павле, апостолите кои ја основале христијанската заедница во Рим и чии учења и пример се модели за универзалната Црква. Гробовите на светите Петар и Павле се наоѓаат во Рим, тие биле маченички погубени тука и заедно со катакомбите, овие свети места се места на континуирана духовна инспирација.

Светата порта го симболизира Христос како врата кон спасението, според зборовите од Евангелието „Јас сум вратата; кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси.“ (Јован 10:9). Поминувањето значи доверување во Христос и влегување во нов живот, Преод од грев кон милост. Физичкото минување низ портата симболизира оставање на стариот, грешен живот зад себе, духовно обновување и помирување со Бога, покајание и простување. Поминувањето низ Светата порта е поврзано со исповед, причест, молитва, а со тоа верникот ја изразува желбата за простување и преобразба. Светата порта не е „магичен чин“ — таа е знак дека верата е пат, спасението е процес човекот постојано „поминува“ кон Бога.

Според одредени записи, Светите порти во Рим датираат од доцниот среден век, а нивното значење се развивало постепено. Се смета дека 1300 година е почеток на Јубилеите кога Папата Бонифациј VIII ја прогласува првата Јубилејна година, но во овој период сè уште нема Свети порти. Јубилејот се живее преку аџилак и покајание. Првата Света порта е отворена 1423 година во базиликата Св. Јован Латерански и ова се смета за почеток на традицијата на Светата порта.

Во 1500 година традицијата се утврдува и за Јубилејот во 1500 година, папата Александар VI ја проширува практиката,а  Свети порти се отвораат и во другите главни римски базилики. Оттогаш отворањето и затворањето (зазидувањето) станува редовен дел од Јубилеите. Од 16 до 20 век  има заѕидување како обред, се развива обичајот портите буквално да се заѕидуваат со тули помеѓу Јубилеите, а во внатрешноста се ставаат документи и симболични предмети. Денес зазидувањето е симболично и технички полесно, но обредот и значењето се задржани.

Се поставува прашањето зошто баш четири базилики имаат Свети порти. Постојат одредени мислења и ставови дека тие имаат посебен, единствен статус во Рим и во Католичката црква. Светите порти не се случајни - тие се врзани за црковната структура, апостолското наследство и симболиката на Црквата како целина. Тоа се четирите папски (порано „патријаршиски“) базилики, кои се директно поврзани со папата и имаат највисок литургиски ранг. Само тие четири ја претставуваат целата Римска Црква. Бројот четири има силна симболика четири страни на светот, четири Евангелија.

Две од базиликите се поврзуваат со Петар, власт и единство, и Павле, мисија и проповед, а оти другите две ја покажуваат епископската служба (Св. Јован Латерански) и воплотувањето и Богородица (Св. Марија Велика). Сето тоа заедно, се смета дека го опфаќа целото учење и мисија на Црквата.

Во Православната црква не постои посебна „Света порта“ што се заѕидува и отвора во одредени години, која се поврзува со јубилеи, што дава посебни духовни привилегии преку самото поминување. Исто така, нема концепт на јубилејна година како во Римокатоличката црква. Православието (духовниот еквивалент), исто како и кај католиците има учење за Христос како врата „Јас сум вратата“ (Јован 10:9), но спасението не е врзано за физичка порта, туку за личен однос со Христос.

Нема опасност од натамошно пропаѓање на вредниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“ и есенва ќе почне неговата заштита, потврдуваат од Заводот и музеј - Прилеп.

Најблискиот симбол на Светата порта можеби се царските двери во иконостасот, кои водат кон олтарот, преку кои минува само свештеникот, а се отвораат само во одредени моменти на богослужбата и го симболизираат небото што се отвора и воплотувањето на Христос, преминот меѓу земното и небесното. Но, верниците не минуваат физички низ нив.

Православието не користи една конкретна порта како знак на простување, туку ја нагласува секојдневната духовна борба и покајание. Симболот, се смета, е подлабоко внатрешен, не календарски или архитектонски.

Православието постојано предупредува дека надворешниот чин може да се изврши без внатрешна промена, дека човек може „да помине низ нешто“ без навистина да се покае - „Овој народ Ме почитува со устата, а срцето му е далеку од Мене.“ (Матеј 15:8), затоа Црквата внимава обредот никогаш да не стане автоматски пат до благодат. сс/дј

Фото МИА, МИА архива, Vatican news, Wikipedia

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан