Салиу: Обвинет сум за кривично дело со претпоставки, а не со докази, под притисок на јавноста и политички игри
- ДЗС не знаела за објектот. Јас не сум знаел и затоа не може да постои вина од страна на обвинетите директори во ДЗС од 2012 година до 16 март 2025 година, кога се случил пожарот. Ќе докажам дека не сум виновен и дека вака срочено обвинението е несериозно, неодговорно и незаконски, само со една цел, да на секој начин бидам незаконски осуден за кривично дело што не постои. Ова обвинение е политички мотивирано и конструирано и правно неосновано, изјави Салиу.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) – Во периодот од 2012 до 2017 година во ДЗС никогаш не пристигнале документи со барање за давање согласност или мислења од страна на кабаре „Пулс“, ниту барање или пријава од правно или физички лица за објектот. Конфузијата на обвинителството која ја прави во мешањето на надлежностите и одговорностите прави да докажувам нешто што е очигледно, дека не постои моја вина ниту надлежност, изјави Шабан Салиу, кој беше на функцијата директор на ДЗС од 2008 до 2017 година во својот воведен говор на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Изјавата на републичкиот јавен обвинител, нагласи Салиу, дека за постоење и работење на објектот „Пулс“ никогаш не биле известени ДЗС содржи правно ослободувачка основа за него како обвинет и нагласи дека ДЗС не е „детективска служба да открива нелегални и нерегистрирани објекти“.
- ДЗС не знаела за објектот. Јас не сум знаел и затоа не може да постои вина од страна на обвинетите директори во ДЗС од 2012 година до 16 март 2025 година, кога се случил пожарот. Ќе докажам дека не сум виновен и дека вака срочено обвинението е несериозно, неодговорно и незаконски, само со една цел, да на секој начин бидам незаконски осуден за кривично дело што не постои. Ова обвинение е политички мотивирано и конструирано и правно неосновано, изјави Салиу.
Салиу, на почетокот изрази жалење и длабоко сочувство до родителите на загинатите и побрзо заздравување на повредените и нагласи дека од завршувањето на неговиот мандат пред девет години ја вршеле тројца други.
- Обвинението ме товари како поранешен директор кој девет години нема никаква фактичка или правна врска со институцијата. Обвинет сум дека сум сторил кривично дело со опис кој се темели на претпоставки, а не на докази, со обвинение поднесено поради притисокот на јавноста и заткулисни политички игри и монтажи без правна основа, изјави Салиу.
Обвинението против мене, нагласи Салиу, ќе докажеме дека е неосновано и изградено врз претпоставки со паушалност на поврзани кривично-правни со управно-правни норми.
- Обвинителниот акт се заснова на набројување на сите општи кривично-правни поими и институти и ставени во врска со одбрани нормативни одредби од закони од управна природа прикажани во наводно непостапување, неспроведување, невршење со што со останатите директори сум предизвикал пожар во кабарето „Пулс“ на 16 март 2025 година. Имајќи ги предвид законите во никој случај не може да се поврзат и да имаат некаква каузална врска со кривичното дело за кое јас лично се товарам … „Директорите на ДЗС иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица се согласиле со нејзиното настапување“. Бог да чува. Што значи обвинет сум за евентуална умисла дека јас уште во 2012, па се до 2017 година сум бил свесен и сум знаел дека ќе се случи настанот на 16 март 2025 година. Ова, не можела ниту Баба Ванѓа да го предвиди, а не па јас, изјави Салиу.
Останува на Судот, нагласи Салиу, да веруваме во објективно судење и неселективна правда и судење не под притисок на политиката и јавноста.
- Секој од обвинетите да одговара за своите дејствија. Нивната вина во несреќата не е еднаква, а кај оние обвинети што не сториле никакво кривично дело да бидат ослободени како што доликува на една вистинска правна демократска држава каде владее правото и правдата, изјави Салиу.
На денешното рочиште за случајот „Пулс“, бранителите на обвинетиот Шабан Салиу истакнаа дека нивниот клиент не можел да биде одговорен за трагичниот пожар.
Адвокатот Димитар Дангов нагласи дека Салиу „не бил дел ниту можел да биде дел од инспекциските надзори или од проверките на техничките услови на угостителските објекти“. Според него, „таквите постапки не спаѓале во неговите одговорности“ и затоа „не можел конкретно да делува на пожарот ниту на последиците од истата“.
Дангов ја оспори логиката на обвинението, кое се темели на „долготраен каузалитет“.
- Ако ја следиме логиката на обвинението изведена од поимот долготраен каузалитет тогаш се појавува прашањето дал враќајќи се во минатото кофата со вода за гасење на пожарот не била и во рацете на обвинителството во Кочани и во рацете на целокупниот обвинителски систем, рече тој.
Според Дангов, болката, како што рече, „колку и да е силна, не може да биде доказ во обвинението, емоцијата не е вина“.
Во однос на наводите од обвинителниот акт за институционален молк и пасивност, тој посочи дека тоа не е така, бидејќи Дирекцијата за заштита и спасување не знаела за „Пулс“.
- Дирекцијата не можела свесно да ги затвори очите пред нешто што воопшто не било под нејзините надлежности, бидејќи објектот Пулс бил правно и институционално невидлив за неа, рече тој.
Дангов најави дека ќе докаже оти „според член 68 од Законот за заштита и спасување, обврската на дирекцијата може да постои само ако објектот Пулс бил проектиран и легално изграден и дирекцијата била формално известена за истиот“.
Вториот бранител, Шенај Османов, истакна дека неговиот клиент не е меѓу виновните, од причини што тој не издавал дозволи, не вршел инспекциски работи, и, како што рече „не учествувал во ниту една одлука поврзана со Пулс“.
Османов предупреди дека овој предмет нема да стане пофер ако се прошири вината на поголем дел обвинети и нема да се врати ниту еден живот ако некој невин биде обвинет.
- Ако под тежината на болката осудиме погрешен човек, ќе создадеме нова трагедија. Моето денешно барање е едноставно – не дозволувајте обвинувањето да се потпира на систем, наместо на поединец, не дозволувајте жртвите да станат изговор за погрешна пресуда, посочи тој.
Претходно, градежниот инспектор Огњен Георгиев побара дополнение на воведен збор во кој нагласи дека нема никаква врска со несреќата.
- Обвинет сум без никаков основ, никогаш не сум бил во објектот ниту бил во моја надлежност. Барам од обвинителството да го преиспита обвинението и јас и моите колеги да бидеме ослободени, рече тој.
Случајот, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и бројни новинари.
_u7U7qBKfw/placeholder.webp?use_watermark=1)
Преостанува уште воведниот збор од својата одбрана да ја дадат поранешните директори на ДЗС, меѓу кои Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џевад Селами, како и генералниот инспектор во ДЗС – Љупчо Грнчиштанов.
Потоа поранешните министри Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши, како и претставници од Министерството за економија меѓу кои Џеваир Камбери, Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ.
Воведен збор треба да дадат и пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници. ар/аа/
Фото: МИА