• петок, 15 мај 2026

Киев соопшти дека Русија ги обновила нападите со дронови, веднаш по истекот на тридневниот прекин на огнот

Киев соопшти дека Русија ги обновила нападите со дронови, веднаш по истекот на тридневниот прекин на огнот

Киев, 12 мај 2026 (МИА) - Русија повторно започнала напади со беспилотни летала врз Украина, само неколку часа по истекот на привремениот прекин на огнот, соопштија рано изутринава украинските власти.

Украинските воздухопловни сили информираа дека во текот на ноќта биле извршени напади врз главниот град Киев, како и врз градовите Запорожје, Днипро, Харков и Херсон. На мета биле и северниот регион Суми и јужниот регион Миколаив.

Инаку ноќеска истече тридневниот прекин на огнот што беше на сила од саботата.

Шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, објави на „Телеграм“ дека делови од соборен дрон паднале врз покрив на 20-катна станбена зграда во главниот град. Засега нема информации за евентуални жртви или за обемот на штетата.

Агенцијата ДПА пренесува информации на „Киев Индипендент“, дека во Киев се слушале детонации.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, минатата недела ги повика рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски да го почитуваат тридневниот прекин на огнот.

Обете страни главно се воздржуваа од воздушни напади за време на примирјето, но меѓусебно се обвинуваа за повеќекратни прекршувања долж фронтот.

Прекинот на огнот беше прогласен по повод Денот на победата, со кој се одбележува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна. аб/сд

фото/МИА архива

Остани поврзан