• четврток, 04 декември 2025

Реконструирана дневната болница на детското одделение во Куманово

Реконструирана дневната болница на детското одделение во Куманово

Куманово, 18 ноември 2025 (МИА) - Надлежните од кумановската општа болницата денеска ја промовираа новата опрема и реконструираниот амбулантен дел од детското одделение обезбедено преку донација. Директорот на болницата, Сашо Стошевски истакна дека со реновирањето се овозможува подобра грижа за најмалите од општините од североисточниот дел.
- Благодарност до „Ротари“ чие партнерство со јавната здравствена установа е долгогодишно. Одвојувањето на амбулантниот дел е особено значајно за организацијата на работењето, обезбедување поефикасна и навремена здравствена заштита, изјави Стошевски.

Детското одделение е солидно екипирано со лекари специјалисти, но, има недостаток од среден медицински кадар и технички персонал. Болницата планира да го надмине во наредната година со вработување на нов кадар.

- Во однос на опремата ќе се финализираат потребите на сите одделенија, по што ќе следат преговори со Фондот за здравство, изјави Стошевски.

Началничката на детското одделени д-р Маргица, Арсовска истакна дека донацијата се реализирала во два сегменти. Прво е набавена медицинска опрема аспиратори, дигитален ЕКГ апарат, инхалатори, топломери, ваги и друга опрема неопходна за секојдневната работа. Вториот сегмент се однесува на реновирањето на проширениот амбулантски дел кој имаше друга намена и сега има две нови комплетно опремени амбуланти и нова дневна болница.

- Благодарни сме на донацијата на „Ротари“ на заинтересираноста на општествено-одговорните компании за поддршка на одделението, изјави Арсовска.

Во моментов, на одделението се хоспитализирани 28 деца, дел на дневна болница, а дел на стационарен третман. Присутни се сите возрасни групи од четири месеци до 14 години.

-Во однос на аерозагадувањето, бидејќи се жалат родителите, потребно е да се избегнува престој на деца на отворено во периоди на најголема загаденост. По враќањето дома задолжително миење лице и раце, чистење на носната слузокожа. Доколку родителите имаат финансиска можност добро е да има прочистувачи на воздух. И генерално остануваат препораките за избалансирана и здрава исхрана за јакнење на имунитетот, изјави Арсовска.

Претседателката на клубот, Фросина Ефремовска кажа дека за важна е хуманоста и придонесот кон заедницата. Проектот е реализиран со масовна поддршка од членовите, локалните компании и граѓаните кои донирале преку отворените линии.Поранешниот претседател на клубот, Марјан Коцевски, рече дека акцијата била мотивирана од јасно препознаената потреба на детското одделение, и информираше дека донирале апарат за ОРЛ одделението.

На детското одделение се лекуваат пациенти од Куманово, Липково, Старо Нагоричане и од Крива Паланка, Ранковце и Кратово. ам/сст/


Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан