Во Велес со тематска работилница и свеченост одбележан Денот на лицата со телесен инвалидитет во Македонија
- Во Велес денеска со тематска работилница беше одбележан 4 Декември –Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.
Велес, 4 декември 2025 (МИА) – Во Велес денеска со тематска работилница беше одбележан 4 Декември –Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.
-Денес го одбележуваме 4 Декември –Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, а вчера го одбележавме 3 Декември Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, востановен од Обединетите нации во далечната 1981 година со цел подигање на свеста и зголемување на разбирањето за прашањата поврзани со инвалидноста и посветеноста кон обезбедување достоинство, права и благосостојба на овие лица, потенцира на свеченоста Гораст Велковски, секретар на Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“.
Тематската работилница ја организира Меѓуопштинското здружение на лица со телесен инвалидитет на Општините Велес, Градско и Чашка-Мобилност Велес, а на која учествуваа нивни членови од овој регион и од повеќе градови од земјава. Учесниците на работилницата ги искажаа проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот, проблемите за вработување, медицинска грижа и рехабилитација и други препреки и кои најчесто самите ги решаваат без недоволна поддршка од надлежните.

Велковски потсети дека „Мобилност Македонија“ е формиран пред 39 години, но сепак и на глобално ниво и во земјава решавањето на прашањата на овие лица се уште бара бројни акции како од нив, така и од институциите на државата.
- Сведоци сме дека кај нас и светот лицата со инвалидност се соочуваат со значајни и постојани пречки: поголем ризик од паѓање во сиромаштија, ограничени можности за пристап до образование и пристојна работа, генерално пониски плати во однос на лицата кои не се соочуваат со некој вид на инвалидност. Недостатоци во системите за социјална заштита, празнини во системите за грижа и поддршка,нееднаков пристап до ортопедски помагала и асистивни технологии,како и опкружување на средини кои често се недостапни или не се многу инклузивни, потенцира Велковски.
Тој посочи дека затоа нивна обврска како „Мобилност Македонија“, но и на инстутуциите на државата е да се забрза напредокот во елиминирање на сиромаштијата, продуктувното вработување и социјалната инклуција на лицата со телесен инвалидитет во земјава.
М-р на психолошки науки Катерина Витановска од Неготино, еден од модераторите на тематската работилница, посочи дека начинот на кој се однесуваме кон лицата со инвалидитет не е само индивидуален показетел за професионализам, тој претставува мерка за цивилизациски напредок,степенот на хуманост и автентичната посветеност на системот кон еднаквост човечко достоинство и недискриминација.
- Затоа суштинската поддршка никогаш не смее да се темели на жал, патернализам,стеротипи или протективност. Таквите пристапи создаваат зависност, ја ограничуваат личната автономијаи ја нарушуваат психолошката и социјалната компетентмост на личноста, потенцира Витановска.
Таа порача дека визијата што заслужува да се следи – е визија во која поддршката е овластување,охрабрување и партнерство,а не ограничување,сожалување и правење зависност на овие наши сограѓани.

Моме Јаќимовиќ од здружението „Мобилност“ од Куманово во изјавата за медиумите посочи дека овие лица за жал најчесто имаа проблеми при вработувањето.
Тој побара поголема застапеност на лицата со телесен инвалидитет во јавните претпријатие и општините,а не само во приватни фирми.
Воедно потенцира дека во заштитните друшта тие како лица со телесен инвалидитет се крајно искористени од газдите. Работата честопати и повеќе работа, а добиваат минимална плата,а на крајот кога уште повеќе ќе се влоши нивната здравствена состојба со нозете и рацете, тие немаат ни пари за лекување и рехабилитација. Тој појасни дека тој работел во три заштитни друштва каде во сите земал минимална плата иако има завршено прв степен на Економски факултет.
Денешната свеченост беше збогатена со настап на децата од Градскиот хор „Свети Кирил и Методиј“ од Велес со настап на повеќе популарни стари македонски песни,под диригенство на професорката Веселинка Маџарова. Тие изнудија насмевки на присутните и добија силен аплауз. Свеченоста беше поддржана и присуствуваше и градоначалникот Марко Колев. ад/фф/
Фото: МИА