Реза Пахлави ги повика Иранците на „окупација“ на плоштадите во големите градови
- Во видеообраќање на социјалните мрежи, тој ги повика сонародниците да излезат на улиците и да ги окупираат јавните простори. – Целта веќе не е само да се протестира, туку да се преземат и задржат центрите на големите градови со останување на терен, порача Пахлави.
Техеран, 10 јануари 2026 (МИА) – Реза Пахлави, синот на последниот ирански шах и истакната фигура на иранската опозиција во егзил во САД, ги повика демонстрантите во татковината да се подготват за „преземање“ на центрите во големите градови. Апелот доаѓа на 13-тиот ден од демонстрациите во земјата.
Во видеообраќање на социјалните мрежи, тој ги повика сонародниците да излезат на улиците и да ги окупираат јавните простори. – Целта веќе не е само да се протестира, туку да се преземат и задржат центрите на големите градови со останување на терен, порача Пахлави.
Пахлави, чиј татко Мохамад Реза Пахлави беше соборен со револуцијата во 1979 година, додаде дека се подготвува за враќање во својата земја и дека тој момент е многу близу.
Истовремено, невладината организација „Нетблокс“ соопшти дека продолжува целосната блокада на интернет врските во Иран, наметната од властите. Според организацијата, по уште една ноќ на протести и репресии, интернет-затемнувањето трае веќе 36 часа.
Во меѓувреме, Вашингтон ги оцени како тактика за „одвлекување на вниманието“ тврдењата на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, дека САД ги поттикнуваат протестите. – Оваа изјава е обид да се сврти вниманието од сериозните внатрешни предизвици со кои се соочува иранскиот режим, соопшти портпаролот на Стејт департментот. ссм/
фото: принтскрин