• среда, 10 декември 2025

Радев и заменик-помошникот на државниот секретар Кристофер Смит дискутираа за стратешко партнерство меѓу Бугарија и САД

Радев и заменик-помошникот на државниот секретар Кристофер Смит дискутираа за стратешко партнерство меѓу Бугарија и САД

Софија, 9 декември 2025 (МИА/БТА) – Стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД го дискутираа претседателот Румен Радев и заменик-помошникот на државниот секретар на САД за Источна Европа Кристофер Смит. Разговорот се одржа во претседателската институција во рамките на посетата на Кристофер Смит на Бугарија за учество во третата сесија на Стратешкиот дијалог меѓу Бугарија и САД, соопштија од прес-службата на претседателот.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Корисна дискусија со Кристофер Смит во врска со стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД и можностите за билатерална соработка во областа на инвестициите, одбраната и енергетиката, напиша на Х шефот на бугарската држава.

Стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД создава многу можности за постигнување на конкретни резултати во сферата на инвестициите, енергетиката и одбраната преку заеднички проекти, кои ќе донесат корист и за двете земји, изјави Румен Радев.

Заедничкиот став беше дека обезбедувањето безбедност и стабилност во регионот е од клучно значење за стимулирање на инвестициската размена, економскиот развој и просперитетот на граѓаните. Бугарскиот шеф на државата посочи дека одржувањето на одржливата позитивна динамика во партнерството со Соединетите Американски Држави е приоритет за Бугарија.

Стратешката географска положба на Бугарија е клучен фактор за проширување на транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност, изјави Румен Радев, додавајќи дека овие сфери создаваат можности за заеднички проекти со учество на САД.

Во областа на енергетиката, бугарскиот претседател укажа дека во контекстот на најавената намера на ЕУ за постепено запирање на увозот на руски гас се отвораат перспективи за зголемување на испораките на течен природен гас од САД и други земји преку терминалите во Грција и Турција, до кои Бугарија има пристап.

Радев изјави дека тоа би придонело за зајакнување на енергетската диверзификација не само на Бугарија, туку и на други земји во регионот. Зголемената побарувачка на енергетски ресурси е предуслов и за заеднички барања за испораки за намалување на цените на природниот гас, нагласи уште Радев.

Стратешкото партнерство во однос на модернизацијата на бугарската армија треба да се развива врз принципот на продлабочување на индустриската соработка со САД, во која ќе се вклучи активно и бугарската одбранбена индустрија, изјави Румен Радев. Претседателот го нагласи и значењето на билатералното партнерство во сферата на одбраната за модернизација на моделите на обука на војниците.

Шефот на бугарската држава изрази очекување за зголемување на инвестициите од страна на САД во областа на информациските и комуникациските технологии, како и на вештачката интелигенција, во кои Бугарија се утврди како фактор во регионот благодарение на подготвениот и одлично квалификуван кадар.

Бугарија е клучен партнер на САД во зајакнувањето на сигурноста, стабилноста и економскиот просперитет во регионот, изјави претходно денеска Смит за време на третата сесија на Стратешкиот дијалог меѓу Бугарија и САД во Советот на министрите.

_______________________________________________________________________________________________________________________________

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан