• понеделник, 08 декември 2025

Бугарија: По повеќе од 100 години, Морнарицата денеска добива нов брод, изјави министерот Атанас Запрјанов

Бугарија: По повеќе од 100 години, Морнарицата денеска добива нов брод, изјави министерот Атанас Запрјанов

Софија, 8 декември 2025 (МИА) - По повеќе од 100 години, Воената морнарица денес добива целосно нов брод, изјави денеска во Варна министерот за одбрана Атанас Запрјанов, кој беше гостин на воената церемонија по свеченото кревањето на военоморското знаме на Република Бугарија на новостекнатиот повеќенаменски модуларен патролен брод „Храбри“. На свеченоста присуствуваа началникот на одбраната, адмирал Емил Ефтимов, офицери, претставници на поморската индустрија и ветерани.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Разликата со денешниот ден, додаде министерот, е што пред еден век новиот брод бил изграден во Франција, додека „Храбри“ е дело на бугарско бродоградилиште. Тој го оцени денешниот ден како историски, не само за борбената флота, туку и за целата држава. Посочи дека со реализацијата на проектот Бугарија ги докажала своите способности да гради вакви пловни објекти и дека веќе има интерес од сојузнички држави кои поставуваат прашања за ваков тип нарачки.

Запрјанов рече дека „Храбри“ допрва ќе биде доопремен со различни системи. Тој потсети дека бродот е целосно функционален, успешно ги поминал соодветните тестирања и веќе е воведен во составот на Воената морнарица.

Министерот дополнително коментираше дека, во рамките на буџетските параметри што допрва треба да бидат усвоени, ќе продолжи реализацијата на проектите за модернизација во областа на одбраната. Според него, работата на вториот нов повеќенаменски патролен брод за флотата ќе продолжи без дилеми. Сепак, тој прецизира дека најверојатно ќе бидат предоговорени некои од проектите што се финансираат со национални средства. Дополнително наведе дека сè уште не е обезбеден финансиски ресурс за продлабочување на акваторијата на Воената морска база во Варна.

Запрјанов истакна дека продолжуваат преговорите со Белгија и Холандија за земјата да набави од нив употребувани ловци на мини. Според него, владите на двете држави веќе донеле одлуки. Тој прецизираше дека се водат разговори за седум брода.

Денешниот ден е исполнет со емоции, но од утре започнува огромната одговорност на екипажот, кој треба активно да учествува во опремувањето на „Храбри“ и да ги совладува новите системи, додаде адмирал Ефтимов. Тој посочи дека бродот не е авион и бара луѓето да се обучуваат и да се гради екипата.

Новиот брод значително ги зголемува способностите на флотата, но и нејзините одговорности, подвлече Ефтимов. Тој акцентираше на потребата од безбедно пловење во Црното Море, каде што моментално ситуацијата ја оцени како мирна.

Според Ефтимов, воведувањето на бродот во составот на Воената морнарица претставува уште еден значаен и цврст чекор во модернизацијата на Бугарската армија. Тој потсети дека земјата очекува нови авиони, како и нови борбени машини за Копнената војска. Геополитичкото значење на Црното Море расте, а Бугарската армија мора да располага со соодветни способности, нагласи тој.

Командантот на борбената флота, контраадмирал Кирил Михајлов, истакна дека за првпат во составот на Воената морнарица влегува брод кој може да прими на бродот хеликоптер или беспилотни летала. Според него, ова е огромен чекор за воените морнари и поставува пред нив нови задачи. Тој посочи дека пилотите од военоморската авијација треба да го совладаат слетувањето на палуба и да ги користат борбените способности на бродот и хеликоптерите како единствен систем.

Михајлов изрази надеж дека програмата за модернизација на флотата нема да заврши со изградбата само на двата повеќенаменски патролни брода, туку ќе продолжи и во иднина. Како аргумент ја посочи проценката дека бугарската црноморска граница моментално е најчувствителна.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан