„Бугарија – достапен одмор“ е пораката од форумот на БТА „БГ ТУРИЗАМ – ЗИМА 2025/2026“ во Пампорово, истакна генералниот директор на БТА, Кирил Валчев
- Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Софија, 6 декември 2025 (МИА/БТА) - „Бугарија – достапен одмор“ е главната порака од форумот на БТА „БГ ТУРИЗАМ – ЗИМА 2025/2026“ што се одржа на Пампорово, изјави генералниот директор на Бугарската телеграфска агенција (БТА), Кирил Валчев, на крајот од дискусијата во Конференцискиот центар – сала „Родопи“ 2, во хотел „Перелик“ во зимскиот центар Пампорово. Според него, темата за достапноста е водечка за бугарскиот туризам во деновите пред почетокот на зимската сезона. Воведувањето на еврото ја прави Бугарија подостапна за туристите од еврозоната, нагласи Валчев.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Подобрата достапност е поврзана и со олеснувањата што Бугарија ги воведува за визите од трети земји, како и со пристапот до здравство, до информации и со влезот на земјата во Шенген пред една година, рече Кирил Валчев. На денешниот христијански празник, генералниот директор на БТА ги потсети присутните на зборовите од една од молитвите кон Свети Никола: „Да се молиме да ни дава сила кога се колебаме и да нè води кога го бараме патот.“
Главен фокус на дискусијата на форумот беше достапноста на бугарскиот планински туризам во сите негови аспекти – потребата од изградба на нови ски-патеки и модерни лифтови, подобар пристап до превенција преку балнеологија и СПА туризам, подобра патна инфраструктура до планинските дестинации, олеснување на постапките за издавање работни и туристички визи за посетители од трети земји, како и медиумски пристап до информации и добри вести од бугарските зимски центри. Форумот се организираше во соработка со Општина Чепеларе, Бугарскиот сојуз за балнеологија и СПА туризам (БСБСПА) и зимскиот центар Пампорово.
Министерот за туризам Мирослав Боршош ја прогласи 2026 година за пресвртна за бугарскиот планински туризам. Со децении, од различни причини, достапноста до планината и нејзиниот развој беа закочени, рече министерот. Дебатата за достапноста, за тоа што и како се прави во планините, зошто се градат нови патеки, нови жичари и ски лифтови, ќе се води и преку медиумите и преку вакви форуми, истакна Боршош. Тој најави дека темата за развој на достапноста на планинскиот туризам ќе биде ставена на дневен ред во парламентот уште во јануари, потсетувајќи дека веќе се подготвени законски предлози. „Народните претставници набрзо ќе треба да се изјаснат и се надевам дека ќе се собере мнозинство кое со огромна грижа за планината, природата и екологијата, но истовремено со разбирање за значењето на овој сектор за локалната власт, ќе направи сè што е потребно за да можат да се реновираат постојните лифтови“, рече Боршош, потсетувајќи на проблемите со Витоша. Министерот одговори и на прашањата од присутните.
Спортот и туризмот одат рака под рака, изјави заменик-министерот за млади и спорт Димитар Георгиев. Оваа недела беше многу важна за бугарскиот туризам и спорт, нагласувајќи дека едно од најголемите спортски настани следната година ќе започне токму во Бугарија – првите три етапи од велосипедската трка Џиро д’Италија ќе стартуваат од нашата земја. Двете министерства вложија многу труд за да го постигнеме овој успех, рече заменик-министерот и додаде дека настанот ќе биде огромна реклама за туризмот и ќе ги промовира најубавите природни богатства на Бугарија и на соодветните општини. „Се надеваме дека следната година ефектот од договорот за домаќинство на Џиро д’Италија ќе го зголеми бруто-производот од туристичката дејност“, рече Георгиев.
Приоритет за развој на областа Смолян е транспортната поврзаност со Пловдив и аеродромот Пловдив преку изградба на брз пат и отворање на Беломорскиот премин, рече областа управител Захари Сираков. Според него, нема попланинска дестинација од Родопите со своето гостопримство и културно наследство, кое заедно со природните убавини е водечко. Се надеваме во најскоро време да се отвори Беломорскиот премин преку граничниот премин „Рудозем – Ксанти“, одговори Сираков на прашање од олимписката шампионка во биатлон од Нагано 1998, Екатерина Дафовска. Според него, се очекува грчките партнери да ја завршат програмата ИНТЕРРЕГ VI-A Грција-Бугарија 2021 – 2027, но сè уште нема конкретен одговор. „Со отворањето на преминот, Смолјанска област ќе стане трансгранична“, додаде тој.
На истото прашање од Екатерина Дафовска – кога ќе биде готов обиколниот пат во Чепеларе, градоначалникот Боран Хаџиев објасни дека сагата со трасата трае од 2001 година. Во 2014 – 2015 општината зела кредит и се платени над 90 имоти, кои сега се впишуваат во катастарот. До март се очекува да биде готова половината траса за да почне изградба. Ќе останат 18 имоти за кои треба да се направи даночна проценка и да се урнат две згради. Ако нема судски спорови, ќе се бара финансирање за обесштетување.
Чепеларе, Самоков, Витоша и Банско ги поднесоа потребните законски измени за да се ослободи и поттикне бизнисот да инвестира, бидејќи туризмот го правите вие – хотелиерите кои вложувате во вашите објекти, рече градоначалникот Хаџиев. Секоја година условите за туристите се подобруваат, но законските измени се неопходни за да се олеснат инвестициите. Како пример ја спомена промената на Генералниот урбанистички план, која трае 5 – 6 години и не дозволува изградба на паркинзи.
Важно е да се случат законските измени поврзани со изградба на лифтови и системи за технички снег, рече градоначалникот на Самоков, Ангел Џоргов. Поради климатските промени, техничкиот снег е сè понеопходен. Тој му се заблагодари на министерот Боршош што министерството е отворено кон општините каде туризмот е главен извор на приход. За да останат автомобилите надвор од планината, потребни се лифтови кои не ја оштетуваат природата, рече тој.
Балнеологијата и СПА не се само туризам, туку инвестиција во работната сила и иднината на земјата, изјави Меглена Плугчиева, амбасадор на БСБСПА. Европскиот тренд е политика на превенција и инвестиција во профилактика, особено во контекст на демографска криза и климатски промени. Родопите се на светската листа на планински региони со климатотерапевтска функција. Достапноста е поврзана и со работните и туристичките визи – без подобрување на достапноста на Бугарија, не можеме да очекуваме дополнителен раст во секторот, рече Плугчиева.
Информациите од бугарските зимски центри да не се сметаат за реклама, туку за добри вести, препорача извршната директорка на „Пампорово“ АД, Софија Цанкова. Комплексот е подготвен за сезоната, инвестирано е во проширување на системот за вештачки снег и за 3 – 4 дена ски-зоната може да биде готова при поволни временски услови. Таа побара од медиумите повеќе да ја пренесуваат актуелната информација за состојбата на патеките и времето, бидејќи тоа не е реклама, туку корисна информација за туристите.
Потребна е јасна стратешка комуникација од државата за позиционирање на предностите на нашите туристички дестинации, рече претседателката на Советот за електронски медиуми, д-р Симона Велева.
Развојот на зимскиот туризам е клучен дел од туристичкиот имиџ на Бугарија, рече Антон Андонов од УО на БНТ. Во последните години се забележува јасен тренд на повисок квалитет на услугите, што го потврдуваат и странските туристи.
Туризмот е извор на добри вести, рече генералниот директор на БНР, Милен Митев, повикувајќи го бизнисот поактивно да соработува со медиумите и да организира културни настани.
За силна зимска сезона потребни се нови атракции и надградување на постојните, рече Илијан Велков од „Нова броудкастинг груп“.
Поддршката од медиумите не значи извртување на фактите, туку објективно известување, рече главниот оперативен директор на bTV Media Group, Господин Јовчев. За развој на туризмот потребни се координирани напори на сите чинители.
Позитивните пораки се исклучително важни, рече проф. д-р Мариана Јанева од УНСС. Покрај динамичните слогани, потребни се и постојани како „Гостопримство во четири сезони“ или „Сонце, снег и СПА“.
Во поздравниот говор од ректорот на НСА „Васил Левски“, Красимир Петков, се нагласува дека размената на идеи на форумот ќе даде значаен придонес за развој на регионот и благосостојбата на луѓето.
Ова беше осмо издание на иницијативата на БТА да организира форуми двапати годишно – на почетокот на летната и зимската туристичка сезона, за да се дискутираат пораките и предизвиците на бугарскиот туризам со претставници на државата, општините, бизнисот, НВО, научници и експерти.
______________________________________________________________________________________________________________________________
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.