• сабота, 10 јануари 2026

Притвор за двајца рибокрадци од Пештани, фатени со над сто килограми белвица

Притвор за двајца рибокрадци од Пештани, фатени со над сто килограми белвица

Охрид, 10 јануари 2026 (МИА) – Припадници на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ што функционира во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Запад синоќа околу 19:30 часот ги приведоа лицата Д.К. и Н.С., двајцата од охридското село Пештани.

Според полциското соопштение, рибокрадците биле заблежани со пловен објект стотина метри од брегот на Охридското Езеро, кај селото Пештани. При проверка во пловилото биле затекнати шест рибарски мрежи со должина од околу 720 метри со улов од 585 парчиња риба белвица со вкупна тежина од 106,8 килограми.

За случајот е известен јавен обвинител по чии насоки лицата се лишени од слобода и донесени во полициската станица.

Риболовната опрема и пловниот објект се одземени, а уловот што според проценки на стручни лица од Хидробиолошкиот завод бил во фаза на расипување, по насоки на инспектор од Агенција за храна и ветеринарство е предаден на Здружение на ловци Охрид, каде со полициско присуство, на соодветно место е уништен.

Моментно на сила е целосна забрана за риболов на пастрмка, белвица и јагула на Охридското Езеро. аб/мч/

фото/СВР -Охрид 

Остани поврзан