• недела, 11 јануари 2026

Православна црква: Конвертитите го откриваат источното православие на интернет, Црквата сака да им помогне да се причестат лице в лице

Православна црква: Конвертитите го откриваат источното православие на интернет, Црквата сака да им помогне да се причестат лице в лице

11 јануари 2026

„Сајт магазин“ (Sight Magazine)/АП

Често кога потенцијален конвертит ќе влезе низ вратата на неговата црква, една од првите работи што пречесниот Андреас Блом го поттикнува да направи е да се откаже од она што го довело таму.

„Го откривте православието на интернет. За него научивте на интернет. Сега сте тука, интернетот заврши“, им вели на заинтересираните во црквата „Свето Богојавление“ во Колорадо Спрингс, Колорадо. „Сега имате свештеник. Сега имате луѓе. Сега треба да се одвикнете од тие работи и да влезете во оваа вистинска заедница на верата.“

Блом не е Лудит кој им советува на верниците да се откажат од технологијата и да излезат од мрежата, туку реагира на огромниот пораст на православна содржина на интернет, кој барем делумно го предизвикува бранот од конвертити низ целите Соединети Американски Држави. Христијанското православие е телесна традиција која бара лично присуство и учество, но интернетот му даде на неговото послание дострел каков што немал со векови.

Понекогаш наречено „најдобро чуваната тајна на Америка“, православието го прифаќаат околу еден отсто од возрасните Американци, според истражувањето на Pew Research Center. Но, зголемената видливост на интернет доведе до два брана на конвертити по пандемијата, вели Метју Нејми, извршен директор на Институтот за православни студии.

Млади, неженети мажи често се наведуваат како главна сила зад овој тренд. Но, Нејми вели дека прелиминарните податоци покажуваат дека најновиот бран на конвертити е поразновиден, со многу Афроамериканци и Хиспаноамериканци, жени и млади семејства кои се приклучуваат. Свештениците пријавуваат луѓе кои доаѓаат од најразлични верски позадини – од ислам до вештерство, како и од разни христијански традиции.

Црквата „Свето Богојавление“ на Блом оваа година отвори втора црква, бидејќи објектот со капацитет од 250 места постојано беше преполн, со десетици луѓе кои секоја недела стоеја надвор. „И новата локација веќе е речиси полна“, вели тој. „А во нашата стара црква повторно имаме група луѓе кои секоја недела стојат надвор. Едноставно не можеме да го следиме темпото“.  Веќе се водат разговори за отворање на трета црква.

Додека некои православни креатори на содржина се свештеници, други немаат никаква формална врска со Црквата. Тие опфаќаат различни идеолошки и политички определби – некои се екстремно десничарски настроени, додека други се конвенционални религиозни конзервативци кога станува збор за прашањата како бракот и абортусот. „Генерално земено, православните христијани не се екстремни десничари. Тоа е малцинска група во рамките на малцинска верска традиција“, вели Сара Рикарди-Сварц, која ги проучува религијата и политиката на Универзитетот „Нортистерн“ (Northeastern).

Џонатан Паџо, канадски резбар на икони кој предава курсеви за симболика на интернет, е еден од најпопуларните креатори на содржина со околу 275.000 претплатници на Јутјуб. „Мораме да го гледаме ова како некаква иронија и парадокс. На некој начин може да се каже дека користиме алатки што не се сосема соодветни“, вели тој за контрастот меѓу интернетот и православниот нагласок на лично присуство на литургија. „Истовремено, една од работите што интернетот ја нуди е досег. А една од работите што православието долго време ја нема е токму досегот.“ Паџо, кој се прекрсти во 2003 година, вели дека тој и другите влијателни личности постојано им го нагласуваат на следбениците значењето на личното заедништво. „Им велиме: одете во црква“, вели тој. „Не можете да го живеете ова само во главата преку интернет, бидејќи тоа го искривува. Кога ќе одите во црква, ќе сретнете секакви луѓе – луѓе од сите страни на политичкиот спектар.“

Абија Аилин истражувала за православието на интернет шест месеци пред да стапне во грчката православна катедрала „Света Софија“ во Лос Анџелес. Оваа 28-годишна латино жена, која беше миропомазана – односно примена во верата – во април 2024 година, исто така забележува јаз меѓу православието на интернет и она во реалноста. „Луѓето што доаѓаат во „Света Софија“ и се многу ригидни, што сакаат да бидат совршени и свети според она што го научиле на интернет, многу често „Света Софија“ не е место каде што сакаат да останат“, вели таа. „Ние навистина изградивме структура на смирение, на правење грешки и на ранливост.“

Секако, побожните православни следат робусна програма на молитва, пост и други дисциплини. Џастин Брекстон, пожарникар кој се преобратил пред година и пол, ги споредува некои од „напорните“ барања на православието со вежбање. „Ја мразев вежбата за нозе, но потоа се чувствував фантастично. Ми се чини дека тоа е разликата меѓу среќата и радоста. Среќата е кога во основа ги задоволуваш телесните потреби“, вели тој. „Радоста е тоа чувство по тешкиот тренинг кога си велиш: ‘Да, успеав.’“

Истовремено, свештениците често се обидуваат да ги смират желбите на некои конвертити за правила и структура. „Тие доаѓаат во Православието и откриваат дека да, имаме правила и структура. Но, во тие правила и структура има многу флуидност“, рече преподобниот Томас Заин, декан на катедралата „Свети Никола“ во Бруклин, Њујорк, и генерален викар на Антиохиската православна христијанска архиепископија на Северна Америка. Неговата црква забележува експоненцијален пораст на посетеноста, кој започна пред околу две години. „Сега имам по 50 луѓе на библиска студија или на час за возрасни, а порано имав три, четири или пет“, вели тој.

Заин, потомок на сириски имигранти кој е роден во верата, се справува со идеолошката разновидност од која доаѓаат новите членови. „Тоа вдиша нов живот во црквата, но истовремено е и предизвик бидејќи се обидуваш да ги обликуваш во една заедница – и новите и старите“, вели тој.

Дел од она што ја храни перцепцијата дека само мажи се конвертираат е тоа што многу влијателни личности се преклопуваат со т.н. „маносфера“ – онлајн содржина насочена кон мажи кои се борат со своето разбирање за мажественоста. Православието често се промовира како алтернатива или дополнување на советите за самопомош за младите мажи. „Како теолог, идејата дека некако мажественоста – токму овој начин на размислување за мажественоста – е вродена во православната теологија и учење, ми се чини целосно погрешна“, вели Аристотел Папаниколау, соосновач и директор на Центарот за православни христијански студии на Универзитетот „Фордхам“. „Нема никаква логика во тврдењето дека морам да бидам мажествен токму на овој начин за да се соединам со Бога.“

Иако ова привлекува некои, други веруваат дека овие влијателни личности ја искривуваат нивната претстава за христијанството. „Тоа едноставно не ми е по вкус“, вели Арон Веласка, 26-годишен филмски режисер кој беше миропомазан минатата година. Иако Веласка се интересирал за некои креатори на содржина и го цени манирот и перспективата на Паџо, тој мисли дека многумина од нив проповедаат инфламаторна верзија на верата која не одговара на неговото сегашно разбирање.

Многу верници велат дека пошироката црква е идеолошки поразновидна од ригидниот конзервативизам што често се среќава на интернет. „Погледнете ја институционалната црква. Има огромна хиерархија каде жените не се присутни. Тешко е да се каже дека тоа не е мажествен имиџ“, вели Дина Зингара, која го проучува православието на Харвардската богословска школа и која е израсната во верата. „Истовремено, во православието има толку многу контранаративи што ја искоренуваат оваа идеја.“

Црковните лидери дадоа малку јавни одговори, но некои свештеници почнуваат повеќе да зборуваат за обемот на овој прилив и за придружните предизвици. „Има случаи на екстремизам и фундаментализам“, изјави митрополитот Сава, поглавар на Антиохиската православна христијанска архиепископија на Северна Америка, во обраќање минатиот месец во Денвер. „Многумина од оние што денес доаѓаат во црквата се психолошки, емоционално или општествено повредени, што бара искусни и зрели духовни татковци и мајки.“

Зингара, која редовно проповеда и води курсеви за православните жени за проповедање, се надева дека црковното раководство ќе биде погласно. „Според мене, нашиот одговор не беше доволно силен“, вели Зингара. „Постојат нешта што ги правиме, па луѓето мислат дека е прифатливо да даваат такви тврдења за православието. Треба да го издигнеме вистинскиот дух и суштината на православието, која всушност е спротивна на оваа верзија базирана на правила и машка доминација“. ссм/

фото: МИА архива/илустрација

 

Остани поврзан