Полска бара истрага против ТикТок по објавените ВИ генерирани видеа на кампањата „Полегзит“
- Европската комисија најави дека ќе ја разгледа иницијатива на Полска за спроведување истрага за усогласеност на ТикТок со дигиталните правила на ЕУ, откако на платформата беа објавени серија видеа на кампањата „Полегзит“ генерирани од вештачка интелигенција.
Брисел, 2 јануари 2026 (МИА) – Европската комисија најави дека ќе ја разгледа иницијатива на Полска за спроведување истрага за усогласеност на ТикТок со дигиталните правила на ЕУ, откако на платформата беа објавени серија видеа на кампањата „Полегзит“ генерирани од вештачка интелигенција.
Полскиот заменик-министер за дигитализација Дариуш Стандерски уште во понеделникот упатил писмо до Европската комисија со барање да бидат преземени мерки против ТикТок поради објавувањето на видеата на кампањата „Полегзит“, кој ја промовира идејата за истапување на Полска од ЕУ.
Според портпаролот на ЕК за технолошка сувереност Тома Рение, службите на Комисијата ќе бидат во контакт со полските власти за да добијат повеќе детали за целиот случај.
- Ќе ги процениме фактите со цел да се утврди дали постои усогласеност со Законот за дигитални услуги, изјави Рение.
На видеата се појавуваат млади жени облечени во бели маици со симболи на грбот и знамето на Полска, кои испраќаат пораки својствени на екстремната десници, вклучително и апели Полска да ја напушти ЕУ.
Овие ВИ генерирани видеа беа објавени на ТикТок кон крајот на декември и набрзо масовно се проширија низ социјалната мрежа.
Во реакција на видеата полските власти оценија дека станува збор за координирана кампања за ширење дезинформации.
Според Законот за дигитални услуги (ДСА), големите онлајн платформи, меѓу кои е и ТикТок, се должни да ги идентификуваат, проценат и ублажат системските ризици што произлегуваат од нивните услуги, вклучително и оние поврзани со употребата на вештачката интелигенција.
Европската комисија уште во март 2024 година испрати барања до неколку социјални мрежи, вклучувајќи го и ТикТок, да и достават информации за начините на кои се справуваат со „потенцијалните проблеми поврзани со вештачката интелигенција“.
По ова, Европската комисија во декември 2024 отвори формална постапка против ТикТок поради „сомнителни неуспешни активности за ограничувањето на ризиците од мешање во изборните процеси“, поврзани со претседателските избори во Романија одржани во ноември 2024 година.
Бриселските медиуми проценуваат дека Европската комисија најверојатно ќе реагира на барањето на Полска, од причини што годинава се одржуваат парламентарни избори во Унгарија, Кипар, Шведска, Летонија и најверојатно и во Бугарија, како и претседателски избори во Португалија. Дополнително, на пролет 2027 година се предвидени и претседателски избори во Франција, чиј исход може да има сериозно влијание врз идните политики на ЕУ.
Оттаму се очекува ЕК да преземе засилена контрола и мерки против социјалните медиуми со цел спречување на кампањи на ширењето дезинформации и манипулации, кои би можеле да влијаат врз изборните процеси. сп/ссм/
Фото: Принскрин ТикТок