„Охрид SOS“: Зграда ќе се гради на местото на сегашниот Здравствен дом „Маларична“ во Охрид
- Во писмото лиферувано до медиумите, од Иницијативата посочуваат дека на односната локација, од која дел е зеленило на Основното училиште „Григор Прличев“, дел паркинг-простор, наместо постојниот објект на „Маларичната“ и еден приватен станбен објект од мал габарит, предвидено е да се гради станбена зграда со приземје и четири ката на целиот простор на сегашната Маларична, заземајќи и половина од сегашниот паркинг сè до оградата на основното училиште.

Охрид, 6 февурари 2025 (МИА) – Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ укажуваат на намера на местото на Здравствениот дом „Маларична“ во Охрид да се гради станбена зграда на пет ката.
Во писмото лиферувано до медиумите, од Иницијативата посочуваат дека во Планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 - опфат 7 во Охрид, е поместена копија од Синтезен план – намена на земјиштето со граница на плански опфат, во која може да се види „што некој испланирал за оваа локација“.
„Со новиот ДУП, наспроти Гимназијата ќе се надвисне станбена зграда со висина П+4 на целиот простор на сегашната Маларична, заземајќи и половина од сегашниот паркинг сè до оградата на основното училиште. Со оваа зграда, Охрид ќе добие уште 10.501 м2 станбена површина или половина од она што се гради годишно. Добро знаеме дека досегашната урбанизација резултира во половина од становите да зјаат празни на сметка на хуманото живеење. Но, затоа изведувачот ќе биде побогат“, се посочува во реакцијата.
Од „Охрид SOS“ уште го посочуваат како интересен моментот дека како нарачател на односниот план е OОУ „Григор Прличев", со нелогичност училиштето да иницира таква планска програма со која му се одзема огромен дел од катастарската парцела за во новиот проект целото зеленило да се претвори во паркинг за новиот станбен објект.
Според активистите на Граѓанската иницијатива, урбанизацијата со овој ДУП е директно на штета на автентичноста и интегритетот на културното наследство. Тие потсетуваат дека согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029), за зоната каде припаѓа односниот ДУП важи дека при уредување на просторот прифатливи методи се обнова на постојните и изградба на нови градби со почитување на амбиенталните карактеристики на целината, традиционалните форми, карактеристиките на пејзажот и хармонијата на целината.
Притоа се нагласува дека „Планот забранува окрупнување на градежни парцели“, токму за да се превенира изградба на габаритни објекти. Исто така, новите градби треба да имаат „габарит кој е усогласен со контекстот и не ја нарушува визуелната перцепција кон целината Старо градско јадро“ и „силуета која го почитува традиционалниот локален карактер и силуетата на просторот каде се градат.“
Од „Охрид SOS“ нагласуваат дека Планот е за на хартија, дека како и во други случаи, Општина Охрид турка ДУП кој не добил позитивно мислење од Комисијата за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, дека го нема во СОЖС која е на јавна расправа.
„Со тоа, по кој знае кој пат, Општина Охрид го прекршува Законот за управување со светското светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион – оној кој токму таа треба бескомпромисно да го почитува“, посочуваат од „Охрид SOS“. аб/са/
Фото: скриншот