Ортагус: САД поставија црвени линии за учеството на Хезболах во либанската влада
- Специјалниот заменик пратеник на САД за Блиски Исток, Морган Ортагус истакна дека Движењето Хезболах, поддржано од Иран, не треба да учествува во новата либанска влада

Бејрут, 7 февруари 2025 (МИА) – Специјалниот заменик пратеник на САД за Блиски Исток, Морган Ортагус истакна дека Движењето Хезболах, поддржано од Иран, не треба да учествува во новата либанска влада.
- Поставивме јасни црвени линии во САД дека тие (Хезболах) нема да можат да го тероризираат либанскиот народ, а тоа вклучува и да се биде дел од владата, посочи Ортагус по средбата со претседателот на Либан, Џозеф Аун во Бејрут.
Таа му се заблагодари на именуваниот либански премиер Наваф Салам, кој има за цел да формира влада без учество на Хезболах.
Ортагус во нејзината прва посета на регионот, му се заблагодари на Израел што го „победи“ Хезболах во неодамнешниот конфликт. Прекинот на огнот, што стапи во сила крајот на ноември и неодамна беше продолжен, предвидува повлекување на Хезболах, но и на израелските сили од јужен Либан.
Либан две години беше политички парализиран и управуван од привремена администрација. Политичките партии во јануари се договорија за кандидатурата на Аун за претседател, но формирањето влада дополнително се комплицира со правилата за учество на различни верски групи. Хезболах долго време дејствува како држава во држава, имајќи доминантна улога во либанската политика. Политичката стабилност е итно потребна за решавање на економските и социјалните проблеми на Либан. ми/
фото: ЕПА