• сабота, 10 јануари 2026

Општина Старо Нагоричане усвои буџетот од над 3,2 милиони евра за 2026

Општина Старо Нагоричане  усвои буџетот од над 3,2 милиони евра за 2026

Куманово, 8 јануари 2026 (МИА) - Советот на Општина Старо Нагоричане, по предлог на градоначалникот, го усвои Буџетот за тековната година во вкупен износ од 202.758.533 милиони денари или 3.296.887 евра, соопштија денеска надлежните од општината.

Според градоначалникот Мирослав Славковски, буџетот има јасна развојна и инфраструктурна компонента. Предвидените средства, како што посочува тој, се распределени кон клучни приоритети кои директно го засегаат секојдневниот живот на граѓаните и квалитетот на јавните услуги.

- Најголем дел од буџетот е насочен кон асфалтирање на локални улици, санација и редовно одржување на патната мрежа, со цел подобрување на сообраќајната безбедност и пристапноста до населените места. Овие инвестиции се особено значајни за руралните средини, каде инфраструктурните услови директно влијаат врз економскиот развој и задржувањето на населението, изјави Славковски.

Значителен акцент е ставен и на доизградба и ставање во функција на водоводни системи, што претставува еден од клучните предизвици во општината. Со оваа мерка, Славковски очекува подобрување на водоснабдувањето и зголемување на квалитетот на животот на жителите, особено во периферните населени места.

Буџетските средства се планирани и за проширување и одржување на уличното осветлување, што придонесува за зголемена безбедност и подобри услови за движење во вечерните часови. Паралелно, се издвојуваат средства за одржување и чистење на јавните површини, со цел создавање поквалитетна и поуредена животна средина.

Покрај капиталните инвестиции, буџетот ги опфаќа и сите тековни и редовни потреби на општината, вклучувајќи функционирање на општинските служби, поддршка на локалните активности и сервиси од јавен интерес.ам/ар
Фото:МИА

Остани поврзан