Општина Куманово ги повика граѓаните да достават идеи и забелешки за реконструкција на улицата „Моша Пијаде“
- Граѓаните на улицата „Моша Пијаде“ имаат можност да достават забелешки, идеи и предлози во однос на реконструкција на улицата долга речиси 1,5 километри, повикаа денеска од Општина Куманово.

Куманово, 5 февруари 2025 (МИА) - Граѓаните на улицата „Моша Пијаде“ имаат можност да достават забелешки, идеи и предлози во однос на реконструкција на улицата долга речиси 1,5 километри, повикаа денеска од Општина Куманово.
Средствата за реконструкција се обезбедени преку Светска банка, а дел ќе финансира и Општина Куманово. За потребите на проектот за поврзување на локални патишта кој е финансиран со средства од Светска банка, Општина Куманово аплицираше со потпроект за што е подготвена контролна листа на план за управување со животна средина и социјални аспекти согласно стандардите за животна средина и социјални аспекти на Светска Банка 1-10, информираа од Општината.
Оттаму ги повикаа граѓаните да достават предлози, коментари, забелешки и нивни идеи најдоцна до 18 февруари годинава. Формуларите можат да се најдат на веб-страницата на Општината.
Општината претходно организираше две јавни дебати и презентации на проектот, на кои присуствуваа и граѓани и дуќанџии на една од најстарите улици во Куманово.
- Проектот ќе вклучува реконструкција на фекална и водоводна мрежа на дел од улицата од почетокот се до крстосницата со „Пиринска Македонија“ околу 490 метри. Средствата за уредување на подземната инфраструктура се обезбедени од буџетот на Општина Куманово, за атмосферска канализација, која ќе се спроведува во два дела - изградба и реконструкција на постоечката долж целата улица, 1.400 метри. Овие средствата се обезбедени од Светска банка, како и за реконструкцијата на асфалтот низ целата улица од почетокот до крај, подземна канализација за електрична мрежа и инсталација за оператори од национално и локално ниво. По завршување на проектот веќе нема да има кабли по бандерите. Предвидено е и осветлување со штедливи светилки, ќе се уредуваат крошните и корените од дрвјата. Предвидено е уредување на паркинг места и пешачка зона, поставување на седум сета полуподземни контејнери, изјави раководителката на одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции Марија Бабан.
При изработката на техничката документација биле вклучени скоро сите јавни претпријатија од Куманово, оператори и други фирми. Тендерот го објавува Министерството за транспорт, а краен корисник е Општината. Улицата не е реконструирана шеесет години. ам/мд/
Фото: Општина Куманово