Од почетокот на годината во „Систем 48“ граѓаните на Струмица најмногу пријавувале проблеми со уличното осветлување
- За 22 денови од оваа година до операторите на општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми „Систем 48“ пристигнале вкупно 55 пријави, а од нив најголем број-47 се за уличното осветлување, две за собирање смет и исто толку за водовод и канализација и по една пријава за општински инспекциски служби и паркови и зеленило, соопштија од Општина Струмица.
Струмица, 23 јануари 2026 (МИА) - За 22 денови од оваа година до операторите на општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми „Систем 48“ пристигнале вкупно 55 пријави, а од нив најголем број-47 се за уличното осветлување, две за собирање смет и исто толку за водовод и канализација и по една пријава за општински инспекциски служби и паркови и зеленило, соопштија од Општина Струмица.
Пријавите се доставени до надлежните општински служби. Дел се решени, а останатите се во фаза на решавање бидејќи за нив е потребно повеќе време од 48 часа, а лани до овој сервис биле доставени вкупно 1.153 пријави, од кои најголем дел се решени.
-„Систем 48“ функционира 14 години и се покажа како корисен информациски, интерактивен систем на јавно достапните услуги на општина Струмица, кој предвидува решавање на проблемите на граѓаните во рок од 48 часа, се наведува во сопштението на локалната самоуправа.
Оттаму потсетуваат дека на бесплатните телефонски броеви 0800 148 48 и 076/484-848 граѓаните може да пријавуваат проблеми од областа на уличното осветлување, општински инспекциски служби, собирање смет, водовод и канализација, улици, патишта и тротоари, урбана опрема, паркови и зеленило, кучиња скитници и сообраќајна сигнализација. По пријавувањето, операторите во „Систем 48“ барањето на граѓаните ќе го проследат до надлежните општински служби, а во рок од 48 часа ќе добијат одговор, конечно решение или поведена постапка за решавање на нивното барање.
Се додава дека градоначалникот Петар Јанков ги охрабрува граѓаните на Општина Струмица помасовно да ги користат услугите на „Систем 48“ и да ги пријавуваат проблемите со коишто се соочуваат и ги забележуваат, а општинските служби веднаш ќе пристапат кон нивно решавање. рт/дма/
Фото: Општина Струмица