• петок, 20 февруари 2026

Европско признание и стипендија за охридскиот кардиолог Виолета Мојсовска Наумоска

Европско признание и стипендија за охридскиот кардиолог Виолета Мојсовска Наумоска

Охрид, 20 февруари 2026 (МИА) – Европската асоцијација за перкутани кардиоваскуларни интервенции што функционира во рамки на Европското здружение на кардиолози (ESC) вчера во Минхен и додели стипендија за едукација и професионална надградба на д-р Виолета Мојсовска Наумоска од Центарот за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид.

Наградата за Нојсовска Наумоска доаѓа по нејзините впечатливи предавања за најсовремените пристапи во третман на комплексни васкуларни и периферни артериски лезии. Особено внимание кај експертите привлече нејзиниот иновативен пристап преку тибијалната артерија при третман на долги CTO лезии на површинската феморална артерија — техника со директна практична вредност за пациентите.

Стипендијата претставува награда од едно од највисоките стручни тела во Европа за развој на интервентната кардиологија, а во насока на едукација на кардиолози и поставување на современи клинички стандарди. Самиот грант се доделува на мал број избрани кардиолози од Европа, како признание за научен придонес, клиничка експертиза и потенцијал за понатамошен развој.

„Овој успех не е само личен, туку и професионална придобивка за домашната здравствена практика, бидејќи знаењето и европските протоколи кои се имплементираат придонесуваат за побезбеден третман и подобри клинички исходи“ се наведува во соопштението од Кардиолошкиот центар во Охрид. аб/са/

фото/„Св. Стефан“ - Охрид

Остани поврзан