• петок, 05 декември 2025

Нова меѓународна награда за „Златната Пеперутка“ со Биби и Боби

Нова меѓународна награда за „Златната Пеперутка“ со Биби и Боби

Скопје, 10 ноември 2025 (МИА) - Анимираниот филм „Златната Пеперутка“, во продукција на Македонска Крепост, Светот на Биби и Тун Моушн Студиос, освои уште едно значајно признание на европската сцена.

Проектот беше претставен меѓу 29 проекти од 15 земји на престижниот форум, пред повеќе од 200 претставници од европската анимациска индустрија – продуценти, режисери, телевизиски уредници и дистрибутери.

Ова е втора награда за „Златната Пеперутка“ во последните месеци, по MIA Development Award, која филмот ја доби во октомври на MIA Market во Рим, еден од водечките филмски пазари во Европа.

Режисерот Гоце Цветановски истакна дека нивната цел е македонската анимација да добие свое место меѓу најпознатите светски продукции.

-Франција ги има Астерикс и Обеликс и Мињоните, Англија ги има Валас и Громит, Русија ги има Маша и Медо, Хрватска го има Балтазар, а Белгија го има Тин-Тин. Нашата цел е децата од светот да слушнат за Македонија преку Биби и Боби, изјавил Цветановски.

„Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство, во која омилените ликови Биби и Боби тргнуваат во потрага по легендарната златна пеперутка – симбол на рамнотежата меѓу човекот и природата. Нивната мисија ги води длабоко во амазонската џунгла и кон митскиот град Ел Дорадо, каде ќе мора да се соочат со темните сили што ја загрозуваат природната хармонија.

Филмот се реализира како меѓународна копродукција со учество на Аргентина, Шпанија, Колумбија и Бразил, што го поставува проектот како еден од најголемите анимациски потфати од Македонија досега.свс/са/

Фото: принтсктин

Остани поврзан