• петок, 05 декември 2025

Љутков во интервју за МИА: Културата е нашиот адут, мојата визија е Македонија да стане земја што луѓето ја чувствуваат и ја паметат

Љутков во интервју за МИА: Културата е нашиот адут, мојата визија е Македонија да стане земја што луѓето ја чувствуваат и ја паметат

Скопје, 5 декември 2025 (МИА)  

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во интервју за МИА зборува за улогата на културата како наш најсилен национален ресурс, за нашето културно наследство како богатство што не може да се купи ниту копира, дека „тоа е капитал што создава препознатлив национален бренд“, за позиционирањето на државата како земја во која историјата не е само минато, туку живее и денес.

Љутков се осврнува и на традиционалната кујна и улогата на гастрономијата во новиот културно-туристички концепт што го развива Министерството за култура и туризам. Според него, гастрономијата ја збогатува приказната, таа е дел од културниот бренд – тоа е нашата филозофија: култура со вкус. „Затоа ја интегрираме храната како дел од културниот бренд“, вели тој.

Министерот зборува и за одржливиот туристички модел што не само ќе привлекува посетители, туку ќе ги мотивира да останат два-три дена, што смета дека тоа е клучната цел на нашата туристичка политика. „Вистинскиот развој се случува кога туристот останува подолго, доживува повеќе, троши локално и станува дел од економскиот и културниот живот на заедницата. За да го постигнеме тоа, мора да понудиме култура, содржина и смисла“, додава Љутков.

Неговата визија за туризмот во земјава во периодот од 2026 до 2028 година е, како што вели, „Македонија да ја поставиме како дестинација каде што културното наследство не е само дел од минатото, туку двигател на туризмот, а тоа значи дека секој посетител ќе може да ја доживее земјава на свој уникатен начин“.

„Мојата визија е Македонија да стане земја што луѓето ја чувствуваат и ја паметат. Не само по убави природни пејзажи, туку по искуството што остава трага. Сакам да бидам дел од генерацијата која успеала да ја направи Македонија дестинација со идентитет, со интегриран туристички систем, со култура како јадро и со туризам што расте низ вредности. Ја гледам Македонија како земја во која туристот доаѓа да почувствува нешто што не може да го најде на друго место – автентични приказни, мудрости, археологија, музика, гастро-култура, гостопримство, искреност. Ја гледам како држава која има гостопримлив систем, стандарди и професионалци. Како земја што ги поврзува своите градови во една голема културна карта“, вели министерот Љутков, додавајќи дека сака „Македонија да ја гледаат како место кое ги почитува сопствените корени, но гради модерна, европска приказна“.

Како ја гледате улогата на културата како главен национален ресурс за развој?

Културата е наш најсилен национален ресурс, жива, динамична и присутна во секој сегмент од општеството. Таа не е само во институциите, туку живее во луѓето, во традициите, во современото создавање. Од таа енергија се раѓа економска, општествена и дипломатска вредност што ја гради и ја позиционира државата во регионот и во светот.

Нашето културно наследство е богатство што не може да се купи ниту копира: древна историја, археолошки слоеви, силна духовност, живи традиции и современа уметничка сцена. Тоа е капитал што создава препознатлив национален бренд.

Кога културата е во фокусот на развојните политики, народот добива посилен идентитет и поголема самодоверба, а државата нов раст преку културниот туризам, подолг престој на посетителите и пошироки можности за локалната економија.

Кои конкретни чекори Министерството за култура и туризам планира да ги преземе за културното наследство да стане носител на современата туристичка понуда на државата?

Мојата визија е Македонија да ја поставиме како дестинација каде што културното наследство не е само дел од минатото, туку двигател на туризмот. Наша задача е да ги откриеме богатствата што светот не може да ги копира – од историски локалитети и традиционална архитектура, до живи обичаи, песни, занаети и локални приказни – и да ги претвориме во современо, интерактивно и достапно искуство за туристите.

Тоа значи дека секој посетител ќе може на свој уникатен начин да ја доживее земјава: да учествува во традиционални активности, да вкуси локална гастрономија, да се сретне со занаетчии и да ја почувствува историјата низ современа презентација. Кога наследството ќе се „преведе“ на модерен јазик и ќе се организира како интегрирана туристичка понуда, тоа станува основа за долготраен туристички раст, подолг престој на посетителите и повеќе можности за локалните заедници.

Со ова, Македонија станува земја која создава силна приказна, со длабок идентитет и со туристичка понуда што повикува на подолг престој, а тоа ќе резултира со поголеми приходи за локалната заедница.

Мојата визија е да имаме успешна и конкурентна туристичка дестинација со квалитетен систем за управување со дестинацијата кој ќе обезбеди максимална искористеност на туристичките ресурси на одржлив начин, во функција на туристичката индустрија.

Кои мерки и политики планира Министерството да ги развие за да се изгради одржлив туристички модел што не само што привлекува посетители, туку ги мотивира да останат два-три дена?

Создавањето одржлив туристички модел што ги задржува гостите два-три дена е клучната цел на нашата туристичка политика. Вистинскиот развој се случува кога туристот останува подолго, доживува повеќе, троши локално и станува дел од економскиот и културниот живот на заедницата. За да го постигнеме тоа, мора да понудиме култура, содржина и смисла.

Културата е основата на туризмот – впечатливи локации, музеи, археолошки и духовни маршрути, уметнички програми и локални приказни. Затоа е потребно македонскиот бренд да биде видлив по сите патишта и туристички топоними, од Стоби до винариите со сместување во Неготино, Кавадарци, потоа Велес, Градско, Демир Капија, а промотивните табли за нив да ја истакнуваат Македонија уште пред границата со Србија.

Содржината е програма прилагодена за сите генерации: интерактивни тури, дегустации, работилници, фестивали и улични перформанси, поддржани преку дигитални алатки кои туристот го водат низ целата земја. Сето тоа ја оживува програмата што веќе се финансира од Министерството и ја прави достапна, привлечна и современа за сите посетители.

Смислата, пак, е уникатната, автентична и незаборавна приказна на Македонија. Туристот треба да ја почувствува нејзината душа, да доживее впечатливи моменти и да сака да се врати. Нашиот наратив ја истакнува уникатноста на земјата и ја прави секоја посета значајна и посебна.

Со интегриран пристап и партнерство со приватниот сектор – ресторани, сместувања, винарии, занаетчии и водичи сите обединети преку една апликација со која секој посетител лесно ќе се снајде, создадовме туристички пакети од 48 до 72 часа кои нудат автентично и современо искуство.

Целта не е број на туристи, туку вредност по турист, долготрајни впечатоци и економски придонес за локалните заедници. Овој модел ја претвора Македонија во дестинација со душа, која ги поврзува минатото, сегашноста и иднината.

На пример, посетител што влегува преку „Табановце“ може во еден ден да посети археолошки локалитет во Куманово, потоа музеј или театар во Скопје, да доживее врвно гастрономско искуство во Велес и посети историска и природна тура во Гевгелија. Ваквите пакети, како „Македонија во 72 часа – вкусови што се паметат“, ги претвораат храната и локалните доживувања во продолжение на културното искуство. Кога ќе создадеме вакви интегрирани и автентични искуства, престојот се зголемува природно, а туристот добива незаборавни моменти.

Еве еден од пакетите што јас лично го сметам за одличен пример за тоа како гастрономијата може да стане продолжение на македонската култура. Туристите ќе посетат винарии со автохтони сорти, ќе учествуваат во кулинарски работилници, ќе шетаат низ локалните пазари со органска храна во Кавадарци, Неготино или во Струмица и ќе дегустираат нешто за што ќе зборуваат уште долго време. Кога ќе создадеме вакви искуства, престојот ќе се зголеми природно. Тоа е модел што го применуваат Италија, Словенија и Грузија, и дава спектакуларни резултати.

На кој начин вашата стратегија ќе ја позиционира државата како земја во која историјата не е само минато, туку живее и денес? Како преку културни политики и иновативна промоција ќе се прикаже континуитетот меѓу традицијата и современиот живот?

Кога зборуваме за Македонија како земја каде што историјата живее и денес, ние не зборуваме само за археолошки локалитети и културни институции. Зборуваме за народ, за дух, за континуитет, за начин на живот што се пренесува низ генерации. Македонија е едно од ретките места во Европа каде што можете истовремено да почувствувате ехо од праисториски цивилизации, античка моќ, византиска духовност, османлиско наследство и современа уметничка експресија, во иста улица, ист град, ист поглед.

Нашата визија е да го направиме тоа видливо и достапно.

Прво, ја модернизираме презентацијата на археологијата: Стоби, Хераклеја, Скупи, Марвинци – тие веќе не смеат да бидат само „локалитети“, туку места што зборуваат.

Со дигитални водичи, реконструкции, визуелни инсталации и современи наративи, секој турист ќе може да ја разбере и да ја почувствува приказната на тие простори.

Второ, ја интегрираме традицијата во секојдневното искуство. Македонија има живи занаети, живи песни, живи обичаи. Тоа не е музеј – тоа е реалност. Нашата цел е да ги поврземе овие традиции со туризмот: работилници, интерактивни програми, културни ритуали, гастрономски искуства што раскажуваат историја.

И трето, ја ставаме современата култура како мост. Театарот, балетот, музиката, уметноста, сето тоа ја покажува Македонија како земја што не живее во минатото, туку го носи минатото како сила за иднината. Сакам да кажам едно: историјата овде не е архив, таа е присутна, таа е живот. И нашата цел е туристите да ја почувствуваат токму така – жива, вистинска и незаборавна.

Каква улога има гастрономијата во новиот културно-туристички концепт што го развивате? На кој начин традиционалната кујна, локалните производи и гастрономските приказни ќе бидат вклучени во културната понуда за да создадат автентично доживување за посетителите?

Македонската храна е уникатна, тоа не го знаеме само ние, туку го знаат сите што некогаш вкусиле македонска пита, симит-погача, тавче-гравче, пинџур, ајвар, сирење, вино, слатко од смокви, локум... Но, во новиот концепт, гастрономијата ја поставуваме таму каде што природно припаѓа, како екстензија на културата, како дел од идентитетот. Доколку културата ја гледаме како јадро, гастрономијата, односно вкусот е сетилото за тој идентитет. Тоа е доказ дека нашата приказна се чувствува. Затоа развиваме гастрономски сегмент кој е поврзан со локалните автентични приказни преку стимулирање на македонските домаќинства кои нудат автентична гастрономска програма – берење овошје и зеленчук, подготовка на храна и дегустација. Тоа е македонска искуствена гастрономија – секој посетител да си отиде побогат со знаење и со вкусовите на Македонија.

Создаваме и гастрономски тури што произлегуваат од културните локации. Ако туристот го посетува Стоби, ќе има гастрономска точка со антички инспирирани јадења. Ако е во Кратово – рударска традиција и локални специјалитети. Ако е во Охрид – духовност, езеро и јадења од риба.

Гастрономијата е искуство што ја збогатува приказната. Но, никогаш не смее да стане приказна. Не смееме нашата историја од 7 000 години да ја замениме со вкус што трае 20 минути. Затоа ја интегрираме храната како дел од културниот бренд, а не како замена.

Ова е модел што ја прави Македонија уникатна: култура со вкус. Турист што ќе ја почувствува приказната, ќе ја запамети храната. Турист што ќе ја почувствува храната, ќе ја разбере приказната. Тоа е нашата филозофија. Гастрономијата ја збогатува приказната, но никогаш не ја заменува. Таа е дел од културниот бренд – тоа е нашата филозофија: култура со вкус.

Кои конкретни проекти и интервенции планирате за да ја претворите трасата на Е75 во вистински културно-туристички коридор?

Коридорот Е75 е еден од нашите најголеми неискористени потенцијали – пат што може да стане вистински културно-туристички коридор, место за доживување, а не само за транзит. Илјадници автомобили, патници секојдневно минуваат по овој автопат без да знаат дека само на неколку минути од трасата се наоѓаат археолошки локалитети, сакрални споменици, винарни, автентични домаќинства, музеи, занаетчиски центри и природни убавини. Нашата цел е тоа богатство да го направиме видливо, лесно достапно и поврзано.

Планираме градовите по коридорот да ги поврземе во единствена културна мрежа со туристички понуди и автентични локални приказни, создавајќи интегрирано доживување што ги истакнува историјата, културата, гастрономијата и природните убавини на Македонија.

Со оглед на тоа дека културниот туризам нема изразена сезоналност и можеме да го развиваме рамномерно во текот на цела година, а со тоа и да ја ублажиме острата сезоналност на другите видови туризам и да ја зголемиме додадената вредност на туризмот во Програмата за 2026 година предвидуваме проекти и активности кои ќе го прилагодат културното наследство, материјално и нематеријално како туристички потенцијал, а со цел висока употребна вредност на ресурсниот туристички фонд.

Имајќи предвид дека низ Македонија годишно транзитираат 3 милиони патници, а поседуваме доволно туристички потенцијал, имаме туристичка понуда и материјално техничка база, оценивме дека претставува императив развојот и посветеноста на транзитниот туризам кој го развиваме преку проектот за транзитен туризам „Stop and discover”. Овој проект е веќе изработен, а си поставува за цел задржување на дел од патниците кои транзитираат низ Македонија на едно ноќевање плус како би се постигнало зголемување на бројот на ноќевања од триста до петстотини илјади на начин кој истовремено ќе претставува и извоз на македонската култура, но и развој на Скопскиот, Североисточен и Вардарски регион.

Во однос на EXPO 2027, на кој начин ќе се претставиме како силен културен и туристички бренд?

Иако Министерството за култура и туризам не е директно вклучено во оперативната организација на EКСПО 2027, лично верувам дека овој настан претставува ретка и голема можност за Македонија, особено за трасата Е-75, која е наш приоритет. ЕКСПО за мене не е само проект, туку потенцијална сцена на која нашата држава може да се претстави со она што нè прави навистина посебни, а тоа е: нашата култура, нашето наследство и нашата исконска автентичност.

Кога размислувам за тоа како Македонија би можела да се позиционира, ја гледам како земја која не се претставува преку сувенири, бројки или случајни визуелизации. Ја гледам како земја која се претставува преку доживување. Преку чувства, сетила, преку приказна. Македонија има историја што живее, има наследство што зборува, има културна сила што допрва треба да излезе на виделина. И ако тоа го претставиме на вистински начин, секој посетител може да почувствува дека стапнал на место кое не личи на ниту една друга дестинација.

Како ќе ги поврзете институциите, општините и приватниот сектор во единствена национална туристичка мрежа?

Ако сакаме да создадеме вистинска туристичка држава, мора да изградиме систем во кој институциите не функционираат изолирано, туку како мрежа. Тоа е најголемиот предизвик, но и најголемата можност. Мојата визија е јасна – Македонија да добие дигитална национална мрежа. Мрежа што ги обединува културната инфраструктура, туристичките понуди, приватниот сектор и локалните заедници преку една единствена апликација која ги насочува сите домашни и странски посетители според нивните интереси, можности и апетити.

Вистинскиот чекор е дигитализација и стандардизација. Секоја институција ќе добие ист модел на комуникација, ист начин на претставување, ист метод на поддршка за туристи. Тоа создава чувство на интеграција, туристот чувствува дека целата држава функционира како единствен систем.

Следниот чекор е локализација на приказните. Градовите нема да бидат генерички точки, туку автентични културни центри. Секој град ќе добие културен идентитет што се вклопува во националната стратегија.

И најважното, приватниот сектор ќе добие силна улога. Ги вклучуваме угостителството, туристичките водичи, сместувањето, винарниците, организат партнерство, не хиерархија. Кога системот функционира како мрежа, државата станува бренд. Тоа е мојата цел.

Која е вашата лична визија за земјава како туристичка држава во 2028 година?

Мојата лична визија за 2028 година е Македонија да стане земја што луѓето ја чувствуваат и ја паметат. Не само по убави природни пејзажи, туку по искуството што остава трага. Сакам да бидам дел од генерацијата која успеала да ја направи Македонија дестинација со идентитет, со интегриран туристички систем, со култура како јадро и со туризам што расте низ вредности. Ја гледам Македонија како земја во која туристот доаѓа да почувствува нешто што не може да го најде на друго место – автентични приказни, мудрости, археологија, музика, гастро-култура, гостопримство, искреност. Ја гледам како држава која има гостопримлив систем, стандарди и професионалци. Како земја што ги поврзува своите градови во една голема културна карта.

Во 2028 сакам да кажам дека сме ја удвоиле туристичката потрошувачка, дека сме создале десетици нови големи културни атракции, дека сме го модернизирале начинот на кој ја претставуваме нашата историја и дека сме станале препознатлив бренд во регионот и пошироко.

Сакам Македонија да стане земја во која културата не е само традиција, туку стратегија. Да ја гледаат како место кое ги почитува сопствените корени, но гради модерна, европска приказна. Сакам кога светот ќе нѐ погледне, да види земја што има карактер, креативност и дух. Земја што се гордее со себе и знае да се претстави.

Тоа е визија што не можам да ја остварам сам. Но, можам да ја водам. И тоа ќе го направам, со срце, со посветеност и со длабока верба дека Македонија заслужува да биде дестинација што се чувствува, доживува и памети.

Пандорка АРСОВСКА ГАЦОВА

 

 

Остани поврзан