Најава за снежни врнежи во Белгија
- Почнувајќи од попладнево Белгија ќе биде зафатена од локални снежни врнежи, кои дополнително ќе се интензивираат во текот на утрешниот ден, со што постои голема веројатност за создавање снежна покрива од неколку сантиметри на некои места.
Брисел, 2 јануари 2025 (МИА) – Почнувајќи од попладнево Белгија ќе биде зафатена од локални снежни врнежи, кои дополнително ќе се интензивираат во текот на утрешниот ден, со што постои голема веројатност за создавање снежна покрива од неколку сантиметри на некои места, најави белгиската хидрометеоролошка служба.
Според метеорологот Брам Вербруген, првите врнежи од снег се очекуваат веќе попладнево особено во реоните долж границите со Франција и Холандија, а во други делови се можни „зимски врнежи“ на дожд.
Снежните врнежи се очекува да се интензивираат во текот на ноќта и утре, при што, според Вербруген, постои можност „снегот да се задржи на земјата“.
- В сабота ќе видиме нов бран локални врнежи од снег. Ова ја зголемува можноста за создавање снежна покривка во текот на викендот, истакна Вербруген, додавајќи дека снегот ќе се задржи благодарение на ниските температури, кои ќе бидат под или околу нулата.
Веќе в недела се очекува врнежите од снег да престанат, со исклучок на областа на планините Ардени на југоистокот на земјата.
- Локални снежни врнежи одново се можни в понеделник наутро, што на некои места би можело да создаде застои во сообраќајот во текот на утринскиот шпиц, вели Вербруген, најавувајќи дека се очекува студеното време во Белгија да продолжи во текот на целата следна недела. сп/ссм/
Фото: МИА Архива