• петок, 21 февруари 2025

Научно објаснување: Зошто жените чувствуваат студ побрзо од мажите?

Научно објаснување: Зошто жените чувствуваат студ побрзо од мажите?

Франкфурт, 21 февруари 2025 (МИА) - Она што е удобна температура за некои - е премногу студено или претопло за други луѓе. Така, човековата перцепција за топлина варира, а тука и полот, но и возраста имаат важна улога. Жените, имено, го чувствуваат студот побрзо од мажите, потврдува Ралф Брандес, професор по Физиологија на Универзитетот „Гете“ во Франкфурт, Германија, и член на одборот на Германското физиолошко друштво. Тој научно ги објаснува причините за тоа.

- (Жените) обично, имаат помала мускулна маса и, следствено - помала стапка на метаболизам, па така, создаваат помалку топлина. Повеќе мускулна маса ја зголемува стапката на Вашиот метаболизам дури и во мирување, што значи дека согорувате храна за побрзо да создадете енергија, а тоа го загрева Вашето тело. Контракциите на скелетните мускули - намерни или ненамерни, се основен извор на произведување топлина, вели д-р Брандес.

Според Рудигер Келинг, директор на Институтот за физиологија „Оскар Лангендорф“ при германскиот Универзитетски медицински центар Росток, причината зошто мажите имаат поголема мускулна маса, веројатно, лежи во еволутивната историја.

- Додека праисториските луѓе ловеле - се движеле и самите се затоплувале, жените и децата најчесто останувале во нивните живеалишта, вели д-р Келинг.

Од друга страна, тој вели дека „жените се подобри во централизацијата на топлината“, бидејќи женското тело ја насочува крвта што носи топлина во јадрото на телото, како одговор на студот.

- Во истовреме, циркулацијата на крвта во екстремитетите - како што се рацете, стапалата, носот и усните, е ограничена. Ова им дава приоритет на виталните органи на жените, вклучувајќи ги и репродуктивните органи. Но, тоа значи и дека женската кожа се лади побрзо, што може да се види, на пр., во сините усни и бледите, бели раце, забележува Келинг.

И лицата во третата доба брзо чувствуваат студ.

- Повозрасните, вообичаено, вежбаат помалку, така губат мускулна маса и затоа имаат побавен метаболизам. Поради сѐ ова, нивните тела генерираат помалку топлина. Намалувањето на метаболизмот е дел од стареењето, вели Брандес.

На крај, неговиот совет за постарите луѓе гласи: Вклучете го термостатот во зима и добро облечете се пред да излезете надвор.  си/

Фото: Фрипик

Остани поврзан